Сите сме прочитале цел куп текстови за тоа што е потребно за да се одгледаат добри, успешни деца. Списоци на сè што апсолутно треба да го имате дома и кое, кога сѐ ќе се собере, веројатно чини повеќе од неколку просечни плати.
Многу родители не можат на своите деца да им ги дозволат сите работи што би сакале да ги имаат, или барем толку колку што имаат нивните пријатели.
Секој пат кога ќе се чувствувате лошо затоа што на вашето дете не можете да му купите скап гаџет или најнов модел на патики, прочитајте ја следната листа – работи кои дефинитивно не им се потребни на децата:
- Апсолутно не им требаат двеста играчки кои светат, свират и трошат батерии.
- Не им требаат ни најнови мобилни телефони само затоа што некој друг има таков.
- Дефинитивно не им требаат брендирани „крпчиња“ во сите можни бои од бутици каде „Добро утро“ чини сто евра.
- Не им требаат скапи „дополнителни активности“ (јавање коњи, скијање, тенис) секој ден после училиште.
Па, што им треба?
Потребна им е поддршка и љубов.
На сите им е јасно што значи тоа – разбирање за истурена чаша сок наместо карање, секојдневни разговори за ситници и обични работи, а не само за тоа што се очекува од детето, тогаш кога ќе загусти. Заеднички вечери, колку што е можно почесто.
Зборовите „те сакам“ се лековити, не ги штедете!
Им требаат обични, едноставни играчки: коцки, хартија и боички, кукли, како и охрабрување да ја искористат својата имагинација и да си играат со сѐ што им е на дофат.
Особено интересни ќе им бидат картонските садови за колачиња или кутии за јајца.
Откако ќе ја соберат својата колекција на едноставни работи, обезбедете им некое сигурно место кадешто ги чуваат. Картонска кутија сместена под креветот ќе биде идеално место за складирање на копчиња, камчиња, ситни пари, школки…
На децата им треба облека што може да ја извалкаат. Ним им требаат работи што можат да ги носат во посебни прилики. Ова особено важи за малите девојчиња, на кои им треба престилка кога ви помагаат во кујната, или стари фустани и шалови, да вежбаат да се облекуваат.
Ним им треба време поминато со родителите. Им треба игра надвор, одење во зоолошка градина. Треба да одат на фарма или во град (ако живеат на село).
Децата треба да посетат музеј, да ги видат фонтаните и да одат на пливање.
Потребна им е средба со природата.
На децата им треба гушкање, скокоткање, шеги и треба да бидат опкружени со различни луѓе од сите возрасти.
На децата треба да им се дозволи да поставуваат прашања, но треба да им се покаже и како сами да го најдат одговорот во книги или со набљудување.
Треба да слушнат од вас „Не знам, ајде заедно да го најдеме одговорот“, или „Тоа е одлично прашање, мило ми е што ми го постави“.
Поставувајте им прашања како „Да беше животно, што ќе беш?“, или „Да си боја, која боја би бил/а?“
На децата треба да им се дозволи да истражуваат. Треба да им се дозволи да се искачуваат високо, да пливаат, да дупчат работи со дрвен стап и да креваат камења.
Дозволете им на децата да јаваат коњ или да возат велосипед, иако тоа на почетокот може да ги исплаши.
Дозволете им да бидат надвор од вашите очи дел од денот и оставете ги сами да ги решаваат своите мали конфликти.
Оставете ги да трчаат додека не се целосно уморни.
Децата, исто така, треба да ги пробаат своите први деловни потфати, како што се правење и продавање лимонада или некое овошје.
Заработените пари нека ги трошат на што сакаат или нека ги споделат со некој кому бизнисот не му успеал.
На децата им треба сон. Треба да заспијат на време, за да бидат одморени за следниот ден.
Тие треба да поминуваат време без да гледаат во телевизорот или во екранот на компјутерот. Можеби ќе сакаат да подигнат шатор и да спијат под ѕвездите.
Им требаат моменти на тишина за да ги слушнат сопствените мисли, но и врева, со тапани, марширање и песна.
На децата им требаат книги и родители кои ќе им читаат. Им требаат и други деца на кои тие ќе им читаат.
Ним им требаат книги на кои ќе им се восхитуваат и забавни книги што ќе ги насмеат.
Им требаат стихови, кои ќе си ги повторуваат.
На децата им требаат ликови кои живеат во некои заедници, историски личности кои инспирираат. На децата им требаат херои на кои ќе им се восхитуваат и губитниците што ќе ги жалат.
Значи, ако имате долга листа на играчки пред вас кои мислите дека ќе го израдуваат вашето дете или гледате сосед кој му купил скап гаџет на неговото дете, а вашиот буџет не го дозволува тоа , или се чувствувате виновни што не сте го запишале вашето дете на балет или гимнастика, што се однесува до нас, не мора да се чувствувате виновни.
Има само неколку работи што им се потребни на децата и тие генерално не се скапи.
Ним им треба само нашето време и нашата поддршка за да се чувствуваат безбедно, што е минималната цена што можеме да ја платиме.