Ако го направиш тоа веќе никогаш нема…Како родителските уцени ја уништуваат поврзаноста со детето

Сите родители (или барем огромното мнозинство од нив) раѓаат деца со желба тие да имаат убав, исполнет, среќен живот. За жал, тоа не е секогаш така и има околности и ситуации на кои не можеме да влијаеме. На повеќето сепак, можеме.

Се чини дека Данците најдобро знаат како правилно да ги воспитуваат децата. А зошто тие и зошто постојано пишуваме за нив? Па, едноставно е. Повеќето истражувања (релевантни истражувања од сериозни универзитети) покажаа дека Данците се најсреќен народ на светот. Ова значи дека има нешто што тие го прават подобро од другите. Затоа што, на крајот од приказната, среќата е целта на секој човек.

Данското родителство е посебно по многу нешта, но денес ќе споменеме нешто што е болка на повеќето родители. Тоа се ултиматумите или, малку погрубо кажано, уцените.

Веројатно, да немаше уцени и поткупувања, повеќето од нас немаше да знаат како да ги воспитуваат своите деца. И веројатно сите ние сме се чувствувале така во одреден момент од животот.

И иако знаеме дека уцената не е добар стил на родителство, понекогаш тоа е едноставно најбрзиот и најлесниот начин, а бидејќи ги гледаме резултатите на краток рок и не ја гледаме веднаш негативната страна, почесто прибегнуваме кон тоа.

Сепак, Данците не го прават тоа. Нивниот родителски стил најдобро може да се опише со еден збор – почит. Нема викање по децата, засрамување или удирање на децата за да се постигне резултат. Почитувајте ги вашите деца, научете ги со пример како да ги почитуваат другите, а вие самите ќе добиете почит. Вреди да се напомене дека во Данска удирањето деца е забрането со закон повеќе од 20 години. И ако прашате кој било Данец, ќе ви каже дека за нив тоа е незамислив облик на дисциплина.

Зошто Данците не ги уценуваат своите деца?
Ултиматумот како таков ги става родителот и детето во позиција кога некој мора да излезе како победник, а некој како губитник. Никој навистина не сака да му се поставуваат ултиматуми затоа што тоа е секогаш само борба за моќ. Таму каде што има уцени, нема решение во кое секој ќе биде „победник“.

Она што родителите кои прибегнуваат кон уцена не го разбираат е дека тие се всушност оние кои на крајот, на долг рок, секогаш губат со овој метод. Тоа е борба во која се добиваат битки, но на крајот војната се губи.

Како? Со губење на блискоста со детето, бидејќи врската во која има закани и која се заснова на страв (дури и да има многу љубов во неа) не може да создаде блискост.

Во таквиот однос не може да има почит, бидејќи ако родителите упатуваат празни закани, децата учат дека границите не значат ништо. И бидејќи се паметни, тие исто така почнуваат да сфаќаат дека заканите се всушност метод што го користат нивните родители кои се немоќни да се изборат на кој било друг начин.

Она што е интересно за уцената е тоа што нејзината употреба во комуникацијата со децата има многу врска со тоа како сме воспитани ние, родителите.

Јазикот, тонот и методите што ги користиме со нашите деца често се наследени од нашите родители. Многумина од нас се воспитани користејќи методи засновани на страв и закани, па разбирливо е што често прибегнуваме кон нив кога немаме повеќе асови во ракавите.

Оние кои имаа капацитет да ја видат поголемата слика научија од методите на нивните родители дека треба да го прават токму спротивното, додека оние кои го немаа тој капацитет ги следеа овие методи – уцена, викање, удирање.

Данците се многу демократски и емпатичен народ и не е тајна дека тие од мали нозе се обидуваат да им ги всадат овие квалитети на своите деца. Тие ги гледаат децата како еднакви на себе, но им треба некој да ги води, секако не да ги контролира. Тие знаат дека начинот на кој го гледаат детето влијае на тоа како се однесуваат со него.

Затоа, обидите на децата да ги прекршат правилата и да ги поместат границите се сметаат за сосема нормални и не се третираат како грубост, тврдоглавост или лоши манири. И ова прави клучна разлика во тоа како тие реагираат на однесувањето на децата.

Тие ги слушаат децата, исто како што ги слушаат возрасните. Како што нема да игнорираат возрасен кој зборува со нив, така нема да игнорираат ниту едно дете.

Ова има неверојатно влијание врз самодовербата и самосвеста на детето. Децата почнуваат рано да разбираат кои се границите и зошто се важни и зошто постојат правила, а потоа можат да ги прифатат, ценат и почитуваат со целосно разбирање.

Стравот од прекршување на правило кое целосно не го разбирате е сосема друга работа. Ако почитувањето на границите се заснова на страв, децата понекогаш ќе ги почитуваат без воопшто да знаат зошто го прават тоа, зошто не смеат да направат нешто, но ќе внимаваат за да не им се развика или да не ги удри некој.

Овој пристап не создава блискост или доверба, без разлика колку му покажувате нежност на вашето дете во ситуации кога сè е во ред.

Ако инвестирате во почит кон детето, тоа ќе ви се исплати на долг рок, сметаат Данците.

Но, немојте да се залажувате и да мислите дека тие се попустливи родители. Затоа што не се. Воопшто не.

Тие воспоставуваат јасни правила што се очекува децата да ги следат. Но, тие се многу подготвени да разговараат и да им објаснат сè на децата во врска со правилата. Тие не знаат за фразата „затоа што јас реков така“. Кога очекуваат детето да ја исчисти нивната соба, а детето одбива, тие нема да кажат – ако не ја исчистите вашата соба, нема да ви дозволам да одите во парк – туку ќе се потрудат и ќе вложат време и трпение во објаснувањето зошто собата треба да се исчисти и зошто е важно детето да го направи тоа.

Ова, се разбира, бара пракса. И многу трпение. Но, резултатите нема да изостанат. Вистината е, всушност, дека децата можат многу да разберат. Честопати нашата нетрпеливост, нашето неразбирање за тоа колку е стравот лош сојузник во воспитувањето на децата, се причината да посегнеме по ултиматуми.

Како да престанете да ги уценувате децата?

Првиот чекор е да се постигне договор со партнерот. И двајцата треба да се согласите дека сакате да ја промените практиката каде што вашите деца само ве слушаат за да не ги изгубат привилегиите или за да не бидат казнети. Согласете се дека ако еден од вас почне да губи контрола во некоја ситуација, другиот треба да го преземе разговорот со детето.

И запомнете – не мора да ја биете секоја битка. Можете исто така да предадете некои.

Фокусирајте се на важни работи. Често се случува нашите реакции кон детето да бидат претерани тогаш кога нешто ќе се случи пред другите, што не става под дополнителен стрес бидејќи не сакаме некој да мисли дека не знаеме како да ги воспитуваме нашите деца.

Тие го чувствуваат тој страв и стрес и тоа може да ги натера да се однесуваат уште полошо. НЕ МОРА никому ништо да докажувате. Учете го детето на почитување, однесувајте се кон детето и кон другите со почит и вашето дете ќе ве почитува.

Друга важна работа: покажете му на детето емпатија. Дали е гладен? Уморен? Вознемирен? Колку повеќе ја разбирате причината за неговото однесување, толку посилна ќе биде вашата врска.

Тоа како вие ќе изберете да го гледате вашето дете секогаш ќе влијае на вашата реакција кон него. Она што го давате – тоа ќе ви се врати. Доброто поттикнува добро, лошото поттикнува лошо, губењето на контрола поттикнува губење на контролата. А мирот поттикнува мир.

Текстот е од ТУКА.

воспитувањедецародителиуцени