Ако имате навика да пушите дома, ќе страдаат и вашите деца

Новото истражување открива дека децата изложени на пасивно пушење дома се разболуваат и го пропуштаат училиштето почесто од децата кои живеат во домови каде што нема пушачи, пренесува CNN. Имено, истражувањето сугерира дека семејствата би можеле да го намалат отсуството на нивните деца од училиште за 24 до 34 отсто доколку пушењето се елиминира од домот.

Според истражувањето, околу една третина од децата во САД живеат со пушач, а меѓу децата на возраст од три до 11 години, најмалку 56 проценти имаат забележливи нивоа на хемикалија наречена серумски котинин, што е показател за изложеност на чад од тутун. Котининот е разградување на никотинот и може да се мери со анализа на нивото во крвта, урината или плунката.

Научниците велат дека со ова се воспоставува врска помеѓу пушењето во домот и две специфични респираторни заболувања.

„Децата кои живеат со луѓе кои пушат во домот имале поголема веројатност да имаат инфекции на увото и настинки. Меѓу децата кои живееле со пушачи, четвртина до една третина од деновите што ги пропуштиле од училиште може да се припишат на тоа што живееле со некој што пуши во домот“, рекол Даглас Леви, главен истражувач на студијата и помошник за здравствена политика на Институтот за здравствена политика Монган.

Пораста на болестите не била единствената последица од пушењето од страна на родителите. Леви објаснува дека има и финансиски товар бидејќи родителите или другите старатели мора да ја напуштат работата за да се грижат за детето кога тоа ќе се разболи.

„Кога децата се надвор од училиште и дома поради болест, особено малите деца, вкупниот трошок е 227 милиони долари годишно. Сето тоа поради дополнителните денови кога гледаме дека децата изостануваат од училиште поради изложеноста на пасивно пушење“, вели Леви.

децаздравјепасивно пушењепушење