Растењето со еден родител не е секогаш лесно, но дефинитивно може да влијае на тоа кои ќе станеме како возрасни. Децата во семејствата со еден родител често се соочуваат со предизвици, но тие развиваат и единствени сили и квалитети кои се истакнуваат.
Растејќи во ова опкружување, тие учат да се прилагодуваат на различни ситуации, да донесуваат независни одлуки и да ја ценат вредноста на отпорноста. Семејната и брачната советничка Тина Феј споделила неколку карактеристики на луѓе кои пораснале со еден родител.
- Независност
„Ако сте пораснале со еден родител, веројатно сте развиле високо ниво на независност“, вели Феј за Hack Spirit.
Ова често е неопходност во домаќинствата со еден родител. Со само еден возрасен околу себе, децата често мора да преземат задолженија и одговорности кои инаку би биле споделени помеѓу двајцата родители, па дури и постарите браќа и сестри.
„Раното воведување во одговорноста може да ги направи децата посамостојни и понезависни додека растат. Тие учат да се потпираат на себе, да донесуваат одлуки и самостојно да ги решаваат проблемите”, тврди советничката.
- Емпатија
Друг квалитет што често доаѓа од растењето со еден родител е емпатијата.
„Како најмлада во моето семејство, со мајка која работеше долги часови за да се грижи за нас, брзо се усогласив со нејзината емоционална состојба. Ги разбрав нејзините борби и жртви, а тоа разбирање прерасна во поширока емпатија за другите во слични ситуации“, споделува Феј.
Емпатијата ни овозможува длабоко да се поврземе со другите, да нудиме поддршка кога е потребно и да градиме силни, значајни односи. Ова е квалитет кој може да го подобри нашиот личен и професионален живот, посочува советничката.
- Отпорност
Отпорноста е уште една карактеристика што ја споделуваат многу возрасни кои пораснале со еден родител. Растењето во домаќинство со еден родител може да има доста предизвици: може да има финансиски тешкотии, чувство на осаменост или товар на дополнителни одговорности.
Феј објаснува: „Надминувањето на овие пречки често води до силно чувство на издржливост. На млада возраст учите дека неуспехот е дел од животот и, уште поважно, дека го имате она што е потребно за да се опоравите и да продолжите понатаму“.
- Благодарност
Растењето со еден родител често развива длабоко чувство на благодарност. Додека децата гледаат како нивните самохрани родители работат напорно, се жртвуваат и управуваат со безброј обврски, тие често стануваат свесни за тоа колку напор е потребен.
„Како што растеме, оваа свест често се развива во длабока благодарност, не само за нашите родители, туку и за едноставните работи во животот што многумина ги земаат здраво за готово. Растењето со еден родител може да биде тешко патување, но исто така е патување исполнето со лекции за љубов, сила и благодарност“, заклучи Феј.