Во март оваа година, по серија тестови, Стејси Марклин (47) добила официјална дијагноза: Алцхајмерова болест во рана фаза. Како што раскажа во објава на Tик-Ток, првите симптоми се појавиле постепено како проблеми со наоѓање зборови, со краткорочна меморија и мултитаскинг.
„Се случуваше да кажам сосема погрешен збор во реченицата, како „развлечи го тепихот“ наместо „развлечи ги завесите“. На почетокот мислев дека можеби е перименопауза или замор по бременоста, бидејќи родив бебе на 44 години“, вели Стејси, додавајќи дека била особено загрижена кога не можела да се сети на основни информации, како што е датумот на раѓање на нејзиниот син.
Инсистирање на дијагноза
По бројни тестови кои првично биле уредни, таа одлучила да направи тест за биомаркери во крвта. Резултатите покажале покачени нивоа на P-tau181 и P-tau217, кои укажуваат на Алцхајмерова болест, а позитивното ПЕТ скенирање на мозокот со раширени амилоидни плаки ја потврдило дијагнозата.
„Иако се плашев и мислев дека можеби имам Алцхајмерова болест, не верував дека всушност ќе ми биде дијагностицирана болеста. Бев преплашена, особено затоа што имам дете од две и пол години“, опишува Стејси.
Патот до дијагнозата бил трнлив.
„Со оглед на семејната историја, инсистирав на понатамошно тестирање и бев упорна сè додека не ги добив одговорите. Се сеќавам дека докторката ми кажа дека Алцхајмеровата болест со рана појава е многу ретка на мои години, но сепак ме испрати кај невролог. Морав самата да се борам за дополнително тестирање и на крајот, биомаркерите и ПЕТ скенирањето на мозокот беа одлучувачки фактори“, вели таа.
Нејзиниот сопруг е нејзината најголема поддршка
Во текот на целиот процес, нејзиниот сопруг бил нејзината најголема поддршка, со кого таа ги поминува најтешките моменти.
„Тој е мојот столб на поддршка и заедно ја поминуваме оваа болка. Плачеше додека велеше дека ќе се бориме како тим, без оглед на се. Понекогаш плачеме заедно, а понекогаш само се обидуваме да се смееме и да уживаме во малите моменти. Заедно тагуваме за плановите што нема да ги реализираме, но продолжуваме да градиме нови спомени, додека можеме“, вели таа, нагласувајќи дека нејзината мајка е секогаш покрај неа.
Потоа открила дека моментално започнува со третман со Лекемби, еден од поновите лекови против акумулацијата на амилоидни плаки во мозокот кој не ја лекува болеста, но може да го забави нејзиното напредување.
„Се надевам дека можеби ќе бидам меѓу првите што ќе ја преживеат оваа ужасна болест. Некои денови ми носат надеж, а други ме потсетуваат дека моето размислување и личност веќе се менуваат“, вели таа отворено.
Најмногу се плаши за своите деца
Сепак, нејзиниот најголем страв е поврзан со нејзиното семејство.
„Најстрашното нешто за мене е кога мислам дека нема да бидам таму кога мојот син ќе плаче или ќе има потреба од мене. Се плашам дека ќе го заборавам и дека тоа ќе му го скрши срцето.
Имам и посвоена ќерка која има 21 година, на која сум исклучително горда. Не се плашам за себе, туку за нив и низ што ќе мора да поминат со мене, а подоцна и без мене“, признава Стејси.
Таа одлучила да ја сподели својата приказна за да ја подигне свеста за болеста и да им пружи поддршка на другите кои минуваат низ истото.