Англиски министри потврдија дека планираат да ја забранат употребата на мобилни телефони во училиштата. Тие објавија упатства за директорите, пишува Гардијан. Упатствата им дозволуваат на училиштата различни начини да ја спроведат забраната, вклучувајќи опции кои се движат од тоа учениците да ги остават мобилните телефони дома, да ги чуваат во шкафчиња во училиште или да ги остават исклучени.
Според Ofcom, 97% од 12-годишниците имаат паметен телефон. Паметните телефони го одвлекуваат вниманието на учениците, а поради нивната распространетост, децата кои ги немаат можат да бидат подложени на потсмев, што врши притисок врз родителите, пишува Гардијан.
Џилијан Киган, министер за образование, вели: „Училиштата се места каде што децата учат, а мобилните телефони само го одвлекуваат вниманието. На наставниците им даваме алатка за подобрување на однесувањето на учениците, што ќе ја олесни наставата“.
Во упатствата за наставниците било објаснето дека правилата за мобилни телефони треба јасно да им бидат претставени на учениците, како и причините поради кои се воведуваат. Се додава и дека учениците не треба да ги гледаат наставниците со мобилни телефони, освен ако не им се потребни за работа.
Џеф Бартон, генерален секретар на Здружението на раководители на училишта и факултети, рекол дека времето што некои деца го поминуваат на мобилни телефони е загрижувачко, но дека сепак овие насоки сè уште се „непостоечко решение за непостоечки проблем“. Тој додал дека поголем проблем е што децата поминуваат толку многу време на мобилните телефони надвор од училиштето. Повеќето училишта и онака дозволуваат користење на мобилни телефони само за време на одмор или за време на одредени активности.
Вик Годард, директор на две училишта во Есекс, рекол дека во едно од училиштата целосно ги забраниле мобилните телефони и дека тоа предизвикало позитивна реакција кај родителите и учениците. „Мислевме дека ќе имаме многу проблеми со родителите, но не. Учениците исто така почувствуваа олеснување. Овие насоки дефинитивно ќе им помогнат на училиштата.”