Бесплатен одмор за семејства во социјален ризик: Понудете, помогнете, донирајте, израдувајте

И оваа година, по деветти пат хуманитарката Маргарета Куртиќ и здружението „Куќа на среќата“ организираат бесплатни одмори за семејства во социјален ризик, семејства со деца со посебни потреби, еднородителски семејства и семејства кои никогаш не биле на одмор и никогаш ја немале можноста да му се радуваат на летото.

„Полека но сигурно течат подготовките за семејствата кои сакаме да ги пратиме на одмор и обезбедување на сместување и сите потребни трошоци кои постојат за да може едно семејство да го пратиме на одмор без да има дополнителни трошоци“, велат организаторите.

Целта е да се испратат семејствата на еднонеделен одмор и тоа да биде за време на сезона иако се свесни дека во шпицот на туристичката сезона е потешко да се добие бесплатен термин.

Секако, велат, прифатливи се и термините надвор од сезона бидејќи има семејства и лица кои поради разни причини само во тој период можат да појдат на одмор и токму тој период најмногу им одговара.

„Се што можете да понудите слободно пратете ни и пријавете ни се зошто секако ќе биде радост за едно семејство“, велат тие.

Досега се обезбедени 8 термини во различни периоди за во Грција на море.

„Да, најголема желба ни е некои деца да го видат и морето, но имаме и семејства кои не го виделе ниту езерото, не биле никогаш во Охрид или во Дојран или на некое друго место, не знаат што значи тоа одмор или пак да имаат прошетано надвор од местото на нивното живеење.

Потребна ни е Вашата помош и поддршка за да обезбедиме бесплатен одмор за семејствата и да бидеме заедно дел од среќата за едно семејство. Секое дете заслужува да му се радува на летото, а многу семејства никогаш не ја имале можноста да уживаат во одмор. Приклучете се и овозможете бесплатен одмор за едно семејство“, порачуваат на Фејсбук страната на Куќата на среќата.

Целата организација можете да ја погледнете токму на таа страна Бесплатно сместување Македонија и превозници со големо срце  каде ги споделуваат сите информации во поглед на организирањето на бесплатните одмори и семејствата кои ги праќаат.

Како може да помогнеме и да се вклучиме во оваа иницијатива?

Донирајте одмор – Доколку немате апартмани и не сте туристичка агенција можете да придонесете со донирање на средства преку нивната жиро-сметка или директно со уплата на одмор за едно семејство во туристичките агенции. Секој мал придонес е од помош, а средствата ќе бидат употребени за организирање на одморите и обезбедување на потребните работи – превоз, храна, патничко осигурување, реквизити за на плажа….. Сите кои сакате да донирате тоа можете да го направите на нивната жиро сметка.

Здружение на граѓани Куќа на Среќата

200003824125567 – Стопанска банка АД Скопје

IBAN MK07200003825028637 SWIFT код; STOBMK2X

Доколку поседувате апартмани за издавање може да донирате сместување во период од 7 дена и да бидете дел од радоста на едно семејство. Понудете ги апартманите што ги издавате, понудете аранжман.

Помогнете да се обезбедат реквизити за децата, креми за сончање, мини аптека за децата…

Поддржете ја иницијативата во рамки на вашите можности со повик кон останатите со цел да се создаде една заедничка мрежа и да израдуваат што е можно повеќе семејства.

бесплатен одморКуќа на среќатахуманитарно