Мајка од Австралија го однела своето двегодишно дете на лекар на рутински преглед. Додека го чекале прегледот, медицинската сестра ја измерила тежината и висината на девојчето, а потоа ја предупредила мајката дека треба да го стави детето на диета.
„Таа ми рече дека треба да ги исфрлам сите овошја и јаглехидрати од исхраната на детето, како и дека млекото пред спиење е исто како чинија сладолед“, изјавила мајката за порталот Mamamia.
Мајката тврди дека детето сака да јаде сѐ, но дека шеќерот во нивната куќа е сведен на минимум.
„Ќерка ми најмногу јаде овошје. Никогаш не сме имале проблем со храната, таа јаде сè и јаде со задоволство“, додава таа.
Пред да си заминат, медицинската сестра уште еднаш ја советувала мајката да ја проучи прехранбената пирамида.
Според препораките на лекарите, децата можат да пијат полномасно кравјо млеко откако ќе наполнат една година. Родителите се охрабруваат да им даваат на своите деца 350 мл млеко дневно или две порции млечни производи, како сирење или јогурт.