Британските мали деца се одгледуваат со најлошата храна во светот, открива новата застрашувачка студија. Поголемиот дел од нивните калории доаѓаат од преработената храна, која е поврзана со мноштво здравствени проблеми, според First Steps Nutrition Trust.
Анализата на исхраната на децата во осум земји покажа дека децата под пет години во Велика Британија консумираат многу ултра преработена храна, а инстант оброците сочинуваат речиси две третини од нивниот просечен енергетски внес. Малите деца во Велика Британија јадат прекумерни количини бисквити, чипс и стапчиња, пире од кесичка и готови оброци, а сето тоа е поврзано со зголемување на телесната тежина и проблеми со растот. Тие се продаваат како здрави опции, лесни за подготовка и доаѓаат во шарени пакувања, но се произведуваат со индустриска преработка. Некои такви јадења содржат адитиви како што се додадени ароми, емулгатори, бои и конзерванси. Таквата храна обично содржи помалку хранливи материи, но повеќе калории, шеќер и сол од помалку преработените опции или од домашните оброци.
„Ултра преработената храна доминира во исхраната на доенчињата и децата во Велика Британија и има неколку добри причини да бидеме загрижени за тоа“, вели Вики Сибсон од First Steps Nutrition Trust.
Бројките покажуваат дека повеќе од 21 милион возрасни луѓе во Велика Британија ќе бидат дебели до 2040 година, што значи речиси четири од 10 жители. Младите луѓе со вишок килограми имаат околу пет пати поголеми шанси да останат дебели до зрелоста, што претставува голема закана за нивното доживотно здравје.
Во јули 2020 година, како дел од својата стратегија за борба против дебелината, британските власти најавиле укинување на ТВ рекламите за производи со висока содржина на масти, сол и шеќер после 21 часот. Овој потег сега е одложен до октомври 2025 година и покрај хроничната здравствена епидемија низ Велика Британија.