Додека многумина се повикуваат на сè поголем број истражувања кои ги поврзуваат социјалните медиуми со проблемите со менталното здравје, проблемот е што е многу тешко да се каже „не“. Децата се под притисок од врсниците, а родителите се чувствуваат беспомошни.
Џонатан Хајдт, професор на њујоршкиот универзитет NYU и автор на книгата The Anxious Generation, е еден од водечките гласови во движењето кое се залага за детство без паметни телефони. Неговиот совет до родителите е да не го решаваат ова сами – клучот е во заедничкото дејствување.
„Родителите често велат: „Не, нема да ти дадам паметен телефон“, но детето одговара: „Но, јас сум единствениот што го нема, сите ме исклучуваат! И тогаш родителите попуштаат“, објаснил Хајдт на Светскиот економски форум.
Тоа е колективен проблем, а решението лежи во колективната акција.
Ова движење веќе заживеа во многу земји – од Велика Британија и САД, преку Канада и Мексико, па сè до Австралија. Хајдт тврди дека проблемот може да се реши ако родителите следат четири едноставни правила.
Нема паметен телефон пред 14 години
Првото и најосновно правило е дека децата не треба да добиваат паметен телефон пред да наполнат 14 години. Хајдт нагласува дека класичните мобилни телефони со копчиња не се проблем бидејќи им овозможуваат на децата да комуницираат на основни начини. Но, паметните телефони се повеќе од само телефон – тие се уреди преку кои светот може да допре до вашите деца без ограничувања.
Студијата од 2023 година на непрофитната организација Sapien Labs покажа дека младите луѓе кои го добиле својот прв паметен телефон подоцна во животот пријавиле помалку проблеми со менталното здравје. На пример, дури 74% од девојчињата кои го добиле првиот телефон на шест години имале проблеми со анксиозност и стрес, додека таа бројка паднала на 52% кај оние кои го добиле телефонот дури на 15 години.
Нема социјални медиуми пред 16-годишна возраст
Второто правило е дека децата не треба да имаат социјални медиуми пред да наполнат 16 години.
„Социјалните медиуми се целосно несоодветни за малолетници“, вели Хајдт, цитирајќи истражување кое покажува како социјалните мрежи можат сериозно да ја нарушат самодовербата на децата.
Некои платформи се обидуваат да воведат заштитни мерки, како што се приватни профили за тинејџери или апликации како YouTube Kids, но Хајдт верува дека владите и технолошките компании треба да одат чекор понатаму – воведување задолжителна проверка на возраста за корисниците. Австралија веќе усвои закон со кој се забрануваат социјалните мрежи за лица под 16 години.
Училишта без мобилни телефони
Третото правило важи за училиштата – паметните телефони треба да бидат забранети во училниците.
„Наставниците мразат мобилни телефони, децата не можат да учат кога се на Тик-Ток или кога играат игри за време на часовите“, вели Хајдт.
Во Англија, повеќето училишта веќе имаат забрана или ограничувања за користење на телефонот, а изминатата година се разговарало тоа да се озакони. Слични мерки веќе постојат во Кина. Цел? Децата ќе бидат повнимателни на часовите, а во исто време повеќе ќе се дружат меѓусебе.
Повеќе играње, помалку екрани
Четвртото правило е можеби најважното – неопходно е да се врати правото на децата да играат.
„Децата денес растат пред екраните, но им треба многу повеќе игра во реалниот свет. Треба да им го вратиме возбудливото детство“, вели Хајдт.
Неговиот колега Зак Рауш додава дека е клучно родителите заедно да се договорат за правилата. Ако сите родители во одделението се согласат дека нивните деца нема да добијат паметен телефон до средно училиште, тогаш ќе биде многу полесно да се одолее на притисокот од врсниците.
Рауш нагласува и колку е важно децата да имаат можност да играат надвор, да бидат независни и да преземаат одредени ризици, бидејќи тоа се клучни елементи за здрав развој.