Цветов е од маж ми, пердувот од Водно, запчето од син ми! На сите спомени и минијатурни суштества им дава вечен живот и создава убавина

Оние кои, како мене, ја знаат од малечка, знаат дека Нина Аницин секогаш била љубопитно девојче со снежно бело лиценце, зелени насмеани очи и дупче на брадата. И да, секогаш накитено со прстенчиња, алкички, ланчиња, цвеќиња во косичката, црешки на ушињата, љубител на големи животни, со уплав од малите „грди“ инсекти од типот на лебарки и пајаци со кои, како што вели, денес научила да живее, ако не во љубов, тогаш барем во мир и толеранција.
Никогаш не повредила ниту едно живо суштество, а на оние кои ќе ги најде безживотни, им дава вечен живот. Ги „пакува“ во епоксидна смола и ги трансформира во преубав накит. Мини пејсажи со диви пролетни цветчиња, светкави камчиња од Караџица, шипинка, полжавче и бубамари, сето тоа и уште повеќе, ќе видите на некое нејзино ланче, на брош, на прстен, обетки или алки.


„Правам накит откако знам за себе, веројатно од 7-8 години, секако, тогаш од нанижана мониста, тенка плута и конец, па некакви алки од тексас платно со копчиња и нитни и така натаму. Секогаш сум сакала многу да се китам, па веројатно оттаму и идејата дека оние свежи цвеќенца во косата не мора да ми траат толку кратко, туку можам да ги задржам вечно такви убави какви што се во моментот. Ова го сфатив кога за првпат ја открив епоксидната смола која во тоа време, пред 7-8 години ја немаше кај нас. Случајно пребарувајќи на Интернет дознав за овој материјал кој ми го привлече вниманието токму со ова својство да препарира сува биолошка материја, да ја конзервира, фосилизира и на тој начин да ја зачува засекогаш.
И така, по многу истражување, експерименти и обиди, пред седум години ги направив првите обетки со пролетни качунки што ги набрав на Кокино и кои беа можеби првите кои ми ја разбудија страста за фосилизирање ботаника и ги нареков „зимница“, во смисла дека овие пролетни цвеќенца „спакувани“ во тегличките, ќе бидат тука за да им се воодушевуваме и во зима.
Така никна мојот бренд Little Blue Skies и стотици изработени носливи хербариуми и мали природонаучни музеи“, раскажува Нина која ја најдовме во нејзиниот изложбен простор кој неодамна го отвори во Козле, со намера нејзината работа прерасната од хоби да ја професионализира уште повеќе и да ѝ обезбеди достоен простор во кој ќе може секој кој е заинтересиран да дојде и да ја види.

Таму, во тој малечок сладок простор, иако со поглед на улица и спроти бензинска станица, само што ќе стапнете ќе се почувствувате како да сте во природа. Успеала да ја пренесе не само преку изложениот накит, туку, колку што може поавтентично и во самиот простор. Па така, наместо обични, совршено измазнети полици, кај столарот ги одбрала своите, меѓу материјалот наменет за отпад и добила преубави дрвени полици со зачувана кора, си го закачила овчарскиот стап довлечкан од нејзината омилена Караџица, ги замаскирала сите 18 непотребни штекери со дрво и цвеќенца кои, ако не ни кажеше, немаше ниту да забележиме дека се таму, ги оптегнала на жици и во дрвена рамка прекрасните обетки, прстените ги потпрела на камчиња, а брошевите ги наредила на елипси кои се држат на магнетче па не мора да се плашите дека ако ги откачите од ѕидот нема да можете да ги вратите назад.
А во нив, различни видови папрат, плевел, мешунки од семе, куќички од полжави, жолти цвеќенца кои личат на мали сончогледи, школки и бубачки, најразлични прекрасни малечки нешта за кои таа, пред да ги претвори во накит, истражува и учи па знае да раскаже и по некоја интересна приказна за која сигурно не сте имале можност никаде да слушнете.
Сè што е овде е уникатно и ви открива преубави мали светови кои можете буквално да си ги носите близу до срцето каде и да одите. А токму заради тие нешта кои луѓето сакаат да си ги зачуваат и да ги носат секогаш близу до срцето, Нина обожува да прави накит и по нарачка и според замислата на своите клиенти.
„Една девојка ми го донесе цветчето кое ѝ го подарило нејзиното момче кога ја побарало за жена и побара да ѝ направам со него веренички прстен. Друга ми донесе прекрасен пердув од сојка кој го нашла на Водно велејќи ми дека сака да го зачува на сигурно, ама и да може да го носи за да му се воодушевуваат и другите, па ѝ го овековечив во приврзок за ланче. Сега мајките многу сакаат да си чуваат и разни малечки спомени од децата па имам план да правам и еден поинаков вид на „радосници“, односно, да им направам некаков накит со праменче од косата, со првото запче или пак украс со некој друг спомен од детето, да ги зачувам во епоксидна смола и да им останат засекогаш“, вели Нина.

Најчесто во својата потрага по материјали, освен во градот, Нина можете да ја сретнете на Водно, Беговско Поле, на Караџица и каде и да оди, оди со својот огромен и тежок ранец полн со кутии и други помошни средства со кои ќе може безбедно ги транспортира пронајдените материјали во нејзината работилница кадешто допрва ќе ги осмисли и ќе направи уште нови парчиња накит во низата со уникатни дизајни. На своите прошетки е често со своето момче Мартин, со чија помош дошла до името за брендот Little Blue Skies (Мали сини небенца).

„Мартин ми поставуваше прашања и така дојдовме до она што е за мене секогаш извор на мир, спокој и надеж. Имено, она мало парче сино небо кое ќе го здогледам помеѓу облаците и кое, дури и во најтемниот ден ми го менува во секунда расположението и знае да ме утеши и да ме потсети дека и покрај облаците, таму горе некаде, Сонцето сепак свети“, објаснува Нина.

Нејзини верни придружници се и останатите членови на семејството, петте мали кученца со кои живеат Нина и Мартин и си ги чуваат како мали деца, со многу љубов и внимание.
„На почетокот беа само две, ама во момент на наше невнимание, се спарија и добија три кученца за кои мислевме да ги подариме откако ќе потпораснат, ама толку ги засакавме што не можевме да се разделиме од нив па сега се цело семејство“, се смее Нина.
Инаку, засега, студиото на Little Blue Skies може да се посети само во претходно договорен термин, со најава барем неколку часа однапред бидејќи во меѓувреме Нина или собира материјали или изработува накит во нејзината работилница дома.

„Конечно имам место каде ќе може да се погледне мојата работа, кадешто сите што се заинтересирани можат да пробаат сè што им се допаѓа, да прашаат што ги интересира за процесот на изработка, да направат нарачка или едноставно да ги откријат малите светови кои се кријат во Малите Сини Небенца“, порачува Нина.

Little Blue Skiesепоксидална смоланакитНина Аницинприродаприродни материјалифосилизирани