Да, да, постои и машка менопауза! Како да се победи андропаузата е проблем за кој сѐ почесто се зборува

Не влијае само на жените. Андропаузата, која обично се нарекува машка менопауза, е опишана како „хормонални промени кај мажите поврзани со стареењето“. Светската здравствена организација тврди дека нивото на тестостерон опаѓа во просек за околу 1 процент годишно по 40-тиот роденден.

Како што старееме, овие нивоа може да продолжат да се намалуваат, при што некои мажи пријавиле намалување до 50 проценти до 70-тата година од животот. Околу три од десет мажи во нивните 70-ти и 80-ти страдаат од низок тестостерон, според податоците на Американското уролошко здружение.

Иако нивото на тестостерон се намалува за време на стареењето кај двата пола, жените поминуваат низ оваа промена посуптилно, пишува NYP. Кај мажите, падот на нивото на тестостерон може да предизвика симптоми како што се намалено либидо, замор, промени во расположението, топли бранови, еректилна дисфункција, неплодност и намалена мускулна маса. Нивото на тестостерон може да се провери со тест на крвта, но тестови обично не се прават.

Терапијата за надоместување на тестостеронот станува сѐ попопуларна
Иако не постои специфичен лек за андропаузата, терапијата со надомест на тестостерон и промените во животниот стил можат да им помогнат на мажите да ги балансираат нивните хормони. Инјекциите на тестостерон на рецепт, локален гел или крем, орални лекови или кожни лепенки може да се користат за постојано зголемување на нивото на хормоните и може да им помогнат на мажите да се ослободат од наведените симптоми.

Сепак, некои експерти забележале и драстично зголемување на барањата за терапија. „Речиси сите сега прашуваат за тоа бидејќи маркетингот директно и агресивно ги таргетира потрошувачите“, изјавил урологот д-р Мајкл О’Лири за Харвард Хелт.

„Многу мажи кои никогаш порано не би ме прашале тоа, почнаа да прашуваат откако ќе видат реклами за вообичаени симптоми како замор. Ако имаат значителни симптоми, ќе треба да направат лабораториски тест“, вели д-р О’Лири.

Здравиот живот помага да се подобри состојбата
Експертите исто така забележале дека одредени промени во животниот стил можат да им помогнат на постарите мажи да го зголемат нивото на тестостерон. Уредниот и стабилен начин на живот, вежбањето, здравата исхрана и добриот сон одржуваат здрави нивоа на тестостерон.

Една студија објавена во списанието Obesity Reviews покажала дека мажите со прекумерна тежина имаат поголема веројатност да страдаат од низок тестостерон, а губењето на тежината може да ги зголеми овие нивоа.

Иако андропаузата е природна состојба на стареење, експертите и пациентите се обидуваат да ја подигнат свеста за овој проблем. Британскиот ТВ водител и инфлуенсер Израел Касол отворено зборувал за своето здравје откако му била дијагностицирана „машка менопауза“ набргу откако наполнил 40 години.

Мажите проговорија
„Не можев да верувам во тоа што го слушам, мислев дека менопаузата е нешто низ кое поминуваат само жените, не знаев дека може исто толку да влијае на мажите“, објаснил Касол за Дејли Меил. Но, Касол не е првиот што ја започнал оваа кампања или ги препознава стереотипите кои ги спречуваат мажите отворено да разговараат за нивната хормонална состојба.

„Една од најголемите пречки што ги спречува мажите да зборуваат за машката менопауза е стравот дека ќе бидат помалку мажествени“, изјавил Џед Дајмонд, психотерапевт и автор на книгата „Машка менопауза“ пред 24 години. „Многу мажи повеќе би сакале да умрат отколку да признаат дека нивната ерекција не е онаква каква што била или дека страдаат од промени во расположението. Сакаат да изгледаат непобедливо“, вели Дајмонд.

андропаузамажимашка менопауза