Темата за транс-луѓето станува сè поприсутна во јавноста, а бројот на оние кои се чувствуват заробени во погрешно тело драстично се зголемува.
Според британскиот сервис за родови идентитети, за само 7 години нивниот број пораснал од 94 на 1.986.
Првата американска клиника за нив е отворена во Бостон во 2007, а денес во САД ги има преку 50 слични.
Станува збор за родово незадоволство (dyspohoria), за чувствo дека полот и телото не се спарени најсреќно.
Науката за овие прашања нема баш сигурни факти и сознанија.
Факт е дека во изминатата деценија има огромен пораст кај децата кои изразуваат незадоволство со нивниот род што им е доделен со раѓањето.
Но, според оние кои и самите се соочиле со истото чувство, како на пример, писателката, водителка и авторка Шон Феј, ова е опасно неразбирање на реалноста.
Според неа, всушност, нема поголем број на деца кои се транс, отколку во минатото, туку едноставно има повеќе деца кои се чувствуваат способни да зборуваат отворено за тоа и да бараат помош и поддршка од своите родители.
Според неа, идејата родителите да ги поддржуваат своите геј, лезбејски и би-деца постепено станала помалку контроверзна, но сепак, родителите кои одлучуваат да ги поддржат децата во нивната желба да живеат со различен пол од тој што им е доделен при раѓањето, сепак, обично се сметаат за контроверзни од голем дел од населението.
Ова може да варира од шепотење зад нивниот грб, до директни обвинувања за злоупотреба на децата.
Таа вели дека некои родители дури и се плашат дека можат да ги загубат своите деца и дека тие можат да им бидат одземени од државата.
Ова би можело да им се случи на некои родители ако му дозволат на своето дете да се претстави јавно како лице со друг род од тој од раѓањето.
Таа во текст за Гардијан пишува за голготата на таквите родители, од аспект на некој кој и самиот е трансродова личност, односно, транс жена.
За многу транс луѓе, вели Феј, искуствата на срам, дискриминација и малтретирање започнуваат рано во животот, често уште во нивниот семеен дом.
Но, ако постоењето на возрасни транс луѓе стана се поприфатено, дури и нормализирано во последниве децении, истото не важи за транс децата, чие постоење почесто се оспорува, а родителите кои ги поддржуваат ризикуваат да бидат казнети, па дури и децата да им бидат одземени.
Сепак, таа се надева дека работите се одвиваат позитивно во однос на овие лица.
Вели дека таа и транс децата кои ѝ припаѓаат на само една генерација по неа, сепак имаат различни услови и дека во светот во кој растат денешните деца ќе има многу повеќе простор за транс луѓе отколку во оној што го знае таа.
Наспроти ова, некои експерти пак сметаат дека предолго време некои социјални работници, наставници и доктори, децата кои имаат дилеми околу својот родов идентитет ги прогласуваа за транс со порака дека нивниот нов идентитет треба да се афирмира со ново име, обраќање, различна облека, советувања, хормонални терапии и конечно, со хируршки интервенции.
Против ова го кренаа гласот петмина клинички експерти од британската клиника за сексуално здравје, Тависток центар, во едно поодамнешно интервју за Тајмс.
Тие веруваат дека некои геј деца кои се борат со својата сексуалност, погрешно се дијагностицирани како „трансродови“.
Тие се загрижени дека дифолтните консултирања служат само да ја потврдат детската збунетост и дека тие прерано се охрабруваат за транзитирање без да се има време за темелна проценка дали тоа навистина е најдобриот пат за нив. Особено се загрижени за праксата за препишување хормонални блокатори кои запираат нечиј сексуален развој и водат кон неплодност, а се препишуваат и на тинејџери на само 16 – годишна возраст.
Оние кои проговорија за Тајмс веруваат дека трансџендер организациите прават сериозна штета кога транзитирањето во друг пол го промовираат како решение за сите проблеми на едно конфузно дете или тинејџер. Тие ја лепат етикетата трансџендер и на деца кои се борат со својата сексуалност но кои можеби ќе пораснат во геј/лезбејки без да треба да менуваат пол.
Бројките на оваа тема се фрапантни: Во 2010 година, во Тависток центарот се пријавиле 94 случаи со проблематичен сексуален идентитет. Во истиот центар, во 2018 имало 2.519 такви случаи. Најмалиот „пациент“ имал само три години. Замислете, три години.
За да добиете хормонска терапија и да отидете на операција неопходно е претходно да минете низ советување, но, повеќето луѓе, вклучувајќи деца, денес онлајн добиваат инструкции од транс-активисти. Тие им кажуваат што да им одговараат на терапевтите за да си ги зголемат шансите да добијат дозвола за операција. Повеќето од нив и пред евалуацијата цврсто веруваат во идејата дека само операција е решение за нивните проблеми. Ако некој се обиде наместо хируршко решение, да предложи психолошко советување, го обвинуваат за трансфобија.
Затоа, советување е потребно и за родителите на таквите деца, а не само за децата. Постои огромна разлика меѓу повозрасен тинејџер и детенце од три години, па затоа, на родителите со тригодишно дете треба недвосмислено да им се каже дека ако нивното синче си игра со кукли, или нивното ќеркиче со колички, тоа не е никаква причина веднаш да одат на клиника како што е Тависток.
Но, благодарение на прогресивците и транс-активистите, во САД полека почнува да доминира еден од можните пристапи: дека детето најдобро знае за себе. Тоа значи, ако тригодишното синче ви каже дека е женско, тоа е нешто што не треба да се дискутира или негира туку треба да се поддржи, прво со купување розеви фустанчиња, а подоцна со пари за скапите хормонски терапии. Родителите кои ја поддржуваат желбата на своите деца за промена на полот се поздравуваат заради нивната одважност, лекарите кои се прашуваат дали медицинска интервенција е во најдобар интерес на детето се обвинуваат за транс-фобија“, пишува Чарли Меккен во лајф магазинот на The Economist.
Во таа дебата меѓу двата табора, сè почесто се поставува прашањето:
Добро, но што ако моето дете по некое време го смени мислењето?
Таква е приказната за младата Макс која магазинот ја раскажува до детали. Уште од мала се чувствувала неудобно во својата кожа, не сакала да игра женски игри туку фудбал, сакала машки чевли и слично… Едно мачно и конфузно детство минато во мала средина во Калифорнија. Зрак надеж се појавил кога на интернет го видела поимот трансџендер. Почнала да чита за тоа и во неа растело чувството дека го нашла клучот на своите проблеми, иако, на лекарски преглед била дијагностицирана и со анксиозност и депресија.
На 16 години ги убедила родителите да бидат со неа, се декларирала пред сите како трансџендер, ги започнала процедурите, примала хормони кои ѝ го здебелиле гласот, почнало да расте брада, ги издржала и оперативните зафати меѓу кои и болната мастектомија….
Макс станува машко со сите нишани, но на 19 годишна возраст, само три години по транзицијата, сфаќа дека згрешила. На таа возраст доаѓа до сознание дека како мала била несреќна не затоа што била машко заробено во женско тело туку затоа што не умеела да сфати дека може да биде женско и без очекуваните женски особини и дека може да сака жени без да се претвори во маж.
По ова, Макс решава да детранзитира и уште еднаш да мине низ цела процедура, овојпат за враќање во првобитната состојба. Вели дека никогаш не се чувствувала поглупаво отколку кога морала да застане пред своите родители и да им каже што е најново со неа. Ни транзитирањето ни де-транзитирањето не се едноставни процеси. Хормонските терапии секогаш со себе носат ризик, а ако се земаат во раниот пубертет, сите тие блокатори и крос-секс хормони доведуваат до тоа човекот подоцна никогаш да не може да развие зрели сперматозоиди или јајце клетки.
„Дали некој на 12, 13 или 14 години може да замисли како би можел да се чувствува кога ќе има 35?“, прашува докорката Бернадет Врен, главен психолог во една лондонска клиника.