Дали бебето може да личи на сурогат мајката? Еве што е важно и од кого ја наследува генетиката

За сурогат мајчинството сè почесто се зборува, но сè уште има многу непознати и заблуди во кои некои веруваат поради незнаење.

Една од работите што многумина ги интересира е дали сурогат-мајката е во сродство со детето, а одговорот на тоа прашање зависи од типот на сурогат мајчинството – главната работа е чии јајце клетки се користат.

Во традиционалното сурогат мајчинство, кое денес многу ретко се користи, сурогат мајката е во сродство со бебето бидејќи нејзините јајце клетки се користат во комбинација со спремата од донор или од таткото и потоа се развива во нејзината утроба. Бидејќи нејзините јајце клетки се користат за создавање на ембрионот, таа е генетски поврзана со бебето.
Гестациското сурогат мајчинство е различно и почесто денес, а во овој случај сурогат мајката не е во сродство со бебето. Ембрионот се создава преку ин витро оплодување со помош на јајце клетки и сперма од донор или од родителите на идното бебе, а потоа ембрионот се всадува во матката на сурогат мајката која ќе ја носи бременоста.

Во оваа смисла, бебето родено преку сурогат мајка е генетски поврзано со онаа чии јајце клетки и со оној чии сперматозоиди биле искористени за создавање на ембрионот, пишува surrogate.com.

Чија крв има бебето?

Многумина ги интересира и дали сурогат мајката ја дели крвта и има иста крвна група како и бебето што го носи.

Некои ги интересира тоа во буквална смисла, а други во контекст на семејните односи.

Повторно, со традиционалното сурогат мајчинство, постојат биолошки врски помеѓу сурогат мајката и бебето, па во таа смисла тие се и крвни сродници.

Кај гестациското сурогат мајчинство, жената што го носи бебето не е крвно поврзана со детето.

Што се однесува до прашањето дали сурогат мајката и бебето ја делат крвта додека бебето е во утробата, одговорот е да. Како и со секоја бременост, крвта, кислородот и хранливите материи се пренесуваат од мајката на бебето преку плацентата.

Крвната група на сурогат мајката не е важна бидејќи и генетските мајки и нивните бебиња можат да имаат која било крвна група.

Наследување на ДНК

Луѓето често се збунети околу генетиката и не се сигурни каква улога игра сурогат мајката во тоа. Прво, потребен е женски и машки генетски материјал за да се создаде ембрион.

Без разлика во чија утроба се развило бебето, генетскиот материјал доаѓа од тој што го создал ембрионот. Во таа смисла, јајце клетката и спермата се единствените работи кои се важни кога станува збор за генетиката.

Со други зборови, ако се работи за сурогат мајчинство каде ембрионот е зачнат преку ин витро оплодување, а потоа се пренесува во матката на сурогат мајката, бебето нема да ја наследи нејзината генетика.

На кого ќе личи бебето?

Истото правило важи и за ова прашање – единственото нешто што е важно е чии јајце клетки и сперматозоиди се користени за создавање на ембрионот. Ако е дониран материјал, бебето физички не може да личи на сурогат мајката, туку на оние од чиј генетски материјал е создаден ембрионот.

генисурогат мачинство