Дали би го пуштиле вашето малолетно дете да патува само со авион? (ВИДЕО)

Деновиве во странските медиуми се појави еден текст за мајка од американската држава Џорџија која ја испратила својата 12-годишна ќерка да патува сама со авион за да помине три недели со својот татко во Мајами. Иако платила дополнително за да има придружба, таа исчезнала. Се сетив дека го направив истото пред околу 20 години кога син ми имаше околу 7 години. За среќа, се беше во ред, а и релацијата беше кратка, но додека траеше летот, откако сестра ми го испрати на ародромот во Загреб, а јас и татко му го чекавме на скопскиот аеродром и двете се прашувавме како можевме да направиме такво нешто.

И уште не ми е јасно затоа што тоа беше за мене едно од најтрауматичните искуства. Да, доплативме за да има придружба и имаше придружба, ама тој час ипол беше најдолгиот час во мојот живот. Тој пак се дошета ноншалантно со документите во плико закачено околу вратот и рече дека едвај чекал да слетаат затоа што цело време до него седеле некој дедо и баба кои биле многу љубезни и се обидувале да го занимаваат за време на летот, но имале многу лош здив.

Ете толку. И не можам да замислам како би се чувствувала ако се случеше нешто слично на она за што пишува оваа жена. А тоа е најлошиот кошмар на секој родител – да добие телефонски повик дека детето му го нема.

Оваа 39-годишна мајка од Џорџија, Моника Гилијам, пред околу една недела ја оставила својата 12-годишна ќерка на вратата од воздухопловната компанија на аеродромот Чатануга.

Нејзината ќерка требало да отпатува сама со авион во Мајами на тринеделна посета кај нејзиниот татко, изјавила Гилијам за Fox News Digital во телефонско интервју.

Таа, исто така, рекла дека платила дополнителни 10.000 денари, над цената на билетот, за да биде сигурна дека нејзината ќерка ќе биде придружувана директно до нејзиниот татко кој ја чекал на аеродромот, според програмата на авиокомпанијата за „малолетници без придружба“.

@relativelymonica

The utter failure by @American Airlines ,#tsa and #mia is absolutely unforgivable. The complete abandonment of a minor in their care, and the negligence displayed today, is criminal. Parents beware.

♬ original sound – relativelymonica

Гилијам, која е професионална фотографка и мајка на четири деца, објавила дел од приказната на својот TikTok: „Речиси еден час откако таа слета, добив повик од менаџерот на авиокомпанијата. Тој рече: „Вашето дете исчезна. Го затворивме терминал. Не знаеме каде е.“

Нејзиното видео стана вирално и собра околу 1,8 милиони прегледи.
Гилијам вели дека не ѝ се верувало што слуша. Fox News Digital контактирале со авиокомпанијата по телефон и преки е-пошта и добиле одговор од канцеларијата за корпоративни комуникации. „Длабоко се грижиме за нашите млади патници и сме посветени да им обезбедиме безбедно и пријатно патување“, пишувало во соопштението. „Ние ги сфаќаме овие работи многу сериозно и истражуваме што се случило. Член на нашиот тим го контактираше корисникот за да дознае повеќе за нивното искуство.

По целата драма, девојче набрзо било пронајдено, успевајќи да го најде својот татко. Проблемот е што таа била без придружба, а нејзините родители ги интересира како тоа можело да се случи, со оглед на тоа што на вратот носела ознака која ја носат малолетните деца без родителска придружба.

Гилијам вели дека нејзината ќерка ѝ рекла дека стјуардесите само ѝ одмавнале по слетувањето на авионот, наместо да си речат: „Чекај малку. Гледам малолетно девојче со ознака околу вратот“ и да ѝ помогнат. Девојчето рекло дека не знаело што да прави, па продолжило да оди.

Мајката смета дека е особено проблематично што девојчето се шетало само со ознака дека е без придружба и дека е малолетна, поради што станала мета на киднапери. Имено, Флорида е меѓу најризичните американски држави кога е во прашање трговијата со луѓе.

За Гилијам, најважно во моментов е дека нејзината ќерка стасала безбедно до нејзиниот татко. Но, таа исто така ги предупредува другите родители за неочекуваните настани што може да се случат кога детето патува само.

авионмалолетни децапатување