Дали децата треба да пијат чоколадно млеко?

Чоколадното млеко е омилен десерт кај децата со генерации, но многу родители се прашуваат: дали е навистина здраво? И покрај додадениот шеќер, чоколадното млеко е сè уште нутритивно богато – особено во споредба со други засладени пијалаци.

Што содржи чоколадното млеко?
Освен што е вкусно, чоколадното млеко е исто така извор на бројни важни хранливи материи за раст и развој на децата. Една порција (околу 2 дцл) чоколадно млеко со 1% содржи:

8 г протеини
10 г додаден шеќер (вкупно 24 г јаглехидрати)
Калциум, витамин Д, калиум, фосфор и витамин А

За споредба, истата количина обично млеко содржи помалку калории и шеќер, но сличен нутритивен профил.
Според голема меѓународна студија објавена во 2021 година во списанието Nutrition and Metabolism, редовната консумација на млеко е поврзана со помал ризик од срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2, дебелина, остеопороза, па дури и Алцхајмерова болест, пишува Parents.

Млекото содржи 18 од 22 есенцијални хранливи материи, вклучувајќи протеини од сурутка, калциум, витамин Д и омега-3 масни киселини. Експертите истакнуваат дека калциумот, витаминот Д и калиумот се три од четирите хранливи материи што повеќето деца ги консумираат во недоволни количини – и сите тие се присутни во млекото.

Може ли детето да пие чоколадно млеко?
Да – но не секое дете. Според препораките на Американската академија за педијатрија, бебињата под 2 години не треба да пијат чоколадно млеко поради додадениот шеќер. Сепак, децата од 2 години и нагоре можат повремено да го пијат, особено ако не им се допаѓа вкусот на обичното млеко – бидејќи тоа е сè уште извор на важни хранливи материи.

Децата на возраст од 2 до 8 години треба да консумираат 2 до 2,5 порции млечни производи дневно, а децата над 9 години треба да консумираат околу 3 порции.

Што најмногу ги загрижува родителите?
Шеќер: Да, чоколадното млеко содржи додаден шеќер, но истражувањата покажуваат дека тоа сочинува само 4% од вкупниот внес на додаден шеќер кај децата. Газираните сокови, печивата и преработената храна се поголем проблем.

Воспаленија: И покрај популарното верување, научните прегледи не пронајдоа врска помеѓу млекото и воспалителните процеси во телото.

Дебелина: Нема докази дека консумирањето чоколадно млеко придонесува за зголемување на телесната тежина или зголемен БМИ кај децата, доколку се консумира умерено.

Колку чоколадно млеко е „премногу“?
Експертите препорачуваат чоколадното млеко да се дава во помали порции, како дел од балансирана исхрана. Изборот на сорти со помала масленост и нивното комбинирање со други млечни производи без шеќер (како обичен јогурт или сирење) може да помогне во одржувањето на нутритивната рамнотежа.

За деца со алергии на млеко или нетолеранција на лактоза, постојат алтернативи на растителна основа (на пример, чоколадно бадемово или овесно млеко), но важно е тие да бидат збогатени со калциум и витамин Д.

децадодаден шеќерчоколадно млеко