Дали е вашето дете депресивно?

Различните емоции и справувањето со нив се составен дел од човековото живеење. Исто како што возрасните се справуваат со своите емоции и децата се соочуваат со истото. Нормално е децата и адолесцентите понекогаш да се чувствуваат тажно и тоа може да биде природен одговор на она што се случува околу нив.

Честопати поминувањето на квалитетно време со нив, давањето поддршка и внимание може да помогне за кратко време повторно да се чувствуваат добро. Доколку тагата, лошите чувства и промените во однесувањето потраат подолго, можно е вашето дете да се соочува со депресивно расположение. Како родител може да биде корисно ако се разбере разликата помеѓу лошо и депресивно расположение. Ова може да помогне да размислите за она што вашето дете го доживува и соодветната подршка која му е потребна во моментот.

Некои од знаците кои укажуваат на депресивно расположение се:

  • Чувство на раздразливост, лутина или фрустрираност
  • Губење на интерес за школските активности и задачи
  • Повлекување или избегнување на пријатели и социјални активности
  • Преголема самокритичност и намалена самодоверба
  • Избегнуваат да прават работи во кои претходно уживале
  • Промени во апетитот (зголемен или намален)
  • Промени во сонот (спие повеќе или пократко од вообичаеното)
  • Плачливост, чувство на осаменост и безнадежност
  • Чувство на замор или намалена енергија
  • Промени во хигиенските навики и грижата за себе
  • Чувство на вина и засраменост
  • Самоповредување
  • Самоубиствени мисли и мисли за смртта

Доколку забележите некој од овие знаци, најважно ќе биде да му дадете емоционална поддршка на вашето дете.

  • Поминете квалитетно време со него
  • Охрабрете го на отворен и искрен разговор
  • Слушајте што има да ви каже вашето дете, запознајте се со нивните стравови и валидизирајте им ги чувствата
  • Дајте им време, доколку не сакаат да зборуваат во моментот обидете се подоцна или следниот ден
  • Доколку не сакаат да зборуваат со вас, охрабрете ги да зборуваат со некој друг од семејството
  • Потсетете ги кој сѐ може да им биде поддршка во моментот
  • Охрабрете ги да размислуваат за активности и работи кој би им пружиле задоволство
  • Потикнете ги да вежбаат, да се хранат здраво и да имаат редовен сон
  • Понудете им идеи за различни социјални активности
  • Организирајте семејни активности

Сѐ што ќе забележите дека му помага на вашето дете да се чувствува подобро практикувајте го колку е можно почесто. Најважно ќе биде да сте постојано тука за него и да бидете вклучени во неговите активности. Доколку забележите дека ништо од ова не му помага на вашето дете, секако побарајте стручна помош.

Александра Стојановска, психолог, семеен системски советник (супервизор на Линијата за родители)

депресијадецазнаци