Дали растевте со баба и дедо или со клуч околу вратот?

Деновиве интензивно се гледам со мојата најдобра другарка од основно, Сузе. Знаете, на таа возраст кога ние бевме деца, сите имавме по една нај нај најдобра другарка. Мораше да е една, Може да имаш уште некоја, ама со таа една си неразделна. Заедно одите во школо, заедно се враќате, заедно учите, заедно сте на мал и на голем одмор, заедно сте и после школо, заедно одите на лизгалиште, од иста екипа сте кога играте народна, најдобар пар сте во ластик и најчесто се запишувате во иста гимназија или некое друго средно училиште.

Е дури сега, во вторава половина од животот ние две разјаснивме и зошто како две нераздвојни другарки, кога дојде време за средно, се запишавме во различни гимназии. Сузе го кажа зборот и потоа сеќавањата навреа. Правевме експеримент!

Јас и Сузе постојано правевме некакви експерименти. Не беа научни, беа онака наивни, детски и малку чудни. Ама овојпат експериментот беше сериозен. Ајде да видиме дали ќе останеме најдобри другарки ако се запишеме во различни училишта.

И ете, затоа се запишавме, јас во „Никола Карев“, а Сузе во „Орце Николов“.

Не знам дали нашиот експеримент е успешен или неуспешен бидејќи сега, на 50 и кусур, еве нѐ, евоцираме заедно спомени иако, од друга страна, тоа не значи дека сме продолжиле да се дружиме со ист интензитет. Не, подоцна во животот имаше дури и периоди кога не се гледавме со години, ама кога ќе се сретневме на Партизанска со велосипедите, во маркет или додека седиме некаде на кафе секоја од нас со некоја друга другарка, интензитетот на чувствата беше ист. Секогаш силна и цврста прегратка, сѐ беше исто. Блискоста беше постојано тука.

Всушност, оваа приказна требаше да биде за бабите и дедовците. Ама тоа е поврзано со моето детство, а Сузе е моето детство. Е таа моја Сузе пред да се запознаеме во прво одделение. одела во градинка, а во основно. постојано беше со клучот околу врат. Јас пак жалев затоа што никогаш не сум одела во градинка, си мислев, којзнае што сѐ прават таму. Мене, сестра ми и брат ми нѐ чуваа баба и дедо. Најмногу сакав да си играме во дворот од градинката, бидејќи тогаш можев да ѕирнам низ прозорците. Првпат влегов внатре кога го носев син ми во истата градинка. Уште го памтам мирисот и се чудам зошто тој всушност не сакаше да оди. Можеби затоа што му беше поубаво дома, со баба му, ама ние, а особено јас, порасната со баба, мислев дека треба да оди во градинка и да биде со деца за да не се чувствува толку осамено кога ќе тргне во училиште.

Јас тргнав во прво одделение една година порано и не знаев никого. Голем дел од децата оделе заедно во градинка, а јас немав ниедна другарка. Најдобри другарки дотогаш ми беа мојата постара сестра и баба ми. А најмногу си игравме со брат ми. Тој беше најмал па ни служеше како кукла. Беше најубавата жива кукла, а и немаше каде да бега, освен кога јас и сестра ми ќе претеравме па ќе дојдеа да го спасат баба или дедо. Наместо во градинка, насабајле со баба ми за рака, дотерана во балските фустани со карнери и панделки што ги носеше тетка ми од Америка, одев на кафиња кај нејзините другарки. Најчесто одевме кај тетка Ленче и кај тетка Фанче. Беа тоа цели ритуали на пиење кафе, со слатко и со чашка ликер. Јас добивав слатко и малку кафе со млеко или млеко со кафе. Каде и да одевме, немаше деца, само бабите и јас. Ете затоа тргнав на училиште на 6 години. Повеќето во тоа време тргнуваа со 7. Сите беа облечени како деца, само јас како принцеза. Се чувствував глупаво. Првпат се видовме со Сузе на првиот училишен ден. И се запамтивме. Уште истиот ден ја видов како поминува по мојата улица додека се лулав на лулашката, ама бев премногу смотана и срамежлива за да ја викнам да дојде да си игра со мене. А и не знаев како се прави тоа. Мислам дека ја викна баба ми. Нормално!

Сузе веќе имаше искуство со склопување пријателства со деца, имаше стаж од градинка, ама кога се здруживме, тоа беше тоа, станавме најдобри другарки. Сега ми кажува дека нејзе мојот живот со баба, ѝ изгледал како од приказните. А баба Драга беше од оние кои со орелски крилја постојано бдеат над внуците. Дури и се караше со децата ако мислеше дека ми направиле неправда. Велат дека тоа не е добро. Денес тоа се вика хеликоптер родителство, ама тогаш се викаше само – баба ѝ ја чува, затоа е таква. И тоа беше оправдание за сѐ.

Кога одевме кај Сузе дома, не можев да се изначудам затоа што е сама дома. А што да прави, нејзините беа на работа, а баба и дедо немаше.

Кога првпат ме праша дали сакам да испржи јајца за да јадеме, само што не се онесвестив: „Знаеш да пржиш јајца?!

Секако дека знаеше, нема да седи гладна, нели? Јас пак, добро е што знаев сама и да јадам. Кога одевме кај мене дома, баба нѐ пречекуваше со ручек или барем со колачиња и млеко, а кога и да посакавме, правеше палачинки.

За Сузе, тоа беше нешто што таа го немаше. Ми раскажува сега дека постојано кружела по мојата улица за да одиме заедно на училиште, само за да ја почувствува топлината на баба Драга. Таква баба не се раѓа. А од каде имаше сила за нас, навистина незнам! И не беше баш во цветот на младоста. Почина кога јас имав 15, а таа 75.

Којзнае дали јас ќе можам да бидам барем половина баба од она што беше баба Драга, дали ќе станувам во 5 сабајле за да направам еден тон палачинки за појадок за сите, дали ќе правам секој ден супа, главно јадење и десерт за ручек и вечера по желба, а потоа ќе измијам брдо садови. И нема да му дозволам никому да ми влезе во кујна. Дали ќе одам на улица да го барам виновникот што ја растажил или, не дај Боже, ми ја удрил внуката? Дали ќе ѝ ги врзувам врвките додека не ѝ стане срам јас да го правам тоа, дали ќе и плетам плетенки, а на крај ќе си ги навлажнам рацете и ќе ја повлечам за двете? Мајка ми беше таква баба, иако, бидејќи работите се менуваат, а ние бевме некоја друга генерација, сега чувањето подразбираше дека ќе го носи и ќе го зема од градинка и ќе го чува кога ќе биде болен затоа што одел во градинка. Којзнае каква баба ќе бидам јас!

Не знам, можеби со палачинките и ќе ја тераме традицијата, ама на масите одамна веќе престана да се руча во 3, да се шета во парк во 6, да се оди за викенд на семеен излет во Сарај или на Матка. Како и да е. се надевам дека ќе бидам барем пола баба Драга, колку да не одат внуците со клуч околу вратот.

А вие, дали растевте како мене, со баба и дедо или со клуч околу вратот, како Сузе?

бабадедодеца