Деновиве во разговор со пријатели од Хрватска, ми се пофалија дека нивната ќерка е бремена и дека сите нејзини другарки имаат „дула“. Не знаеја многу за улогата на дулата и ми кажаа дека биле изненадени од информацијата на ќерка им, па ме прашуваа дали кај нас имаме дули.
Иако тие самите досега не знаеле ништо за ова, во Хрватска, како и во Словенија, кога станува збор за земјите од поранешната држава, жените се активирале порано за подобрување на условите во родилиштата во кои дулите влегуваат без проблем и се прифатени од страна на болничкиот персонал, па поголемиот број дули се активно вклучени во поддршката на самото породување.
Таму имаат дури и утврдени ценовници за своите услуги и тоа за најразлични варијатни.
На пример, варијантите кои опфаќаат пренатална едукација се со цени од 100 до 250 евра. Понудата која го опфаќа и породувањето, а се состои од 3 средби пред породувањето – вклучува подготовка за раѓање и после породување; 24/7 достапност (ден и ноќ) во текот на 4 недели пред породувањето; присуство на самото породување (по желба дома, дома и во породилиште или само во породилиште; онлајн поддршка при раѓање); тричасовна консултација преку телефон или онлајн и достапност 24/7 во текот на работното време; една постпартална посета, чини 900 евра.
А што се тоа дули?
Дула е водич, едуцирана асистентка која овозможува индивидуално подготвување за вашето уникатно искуство низ породувањето. Таа е поткрепа на жената за време на целиот процес на породувањето и раѓањето, нудејќи ѝ докажани техники за олеснување и поддршка, за постигнување на побезбедно и позадоволително искуство. Таа е тука за жената и по раѓањето, кога најмногу ѝ е потребна помош. Битно е жената да сфати што ѝ треба и да сфати дека има право да побара да ѝ биде удобно и пријатно.
Кај нас бременоста и породувањето се уште се доживуваат како нешто за што е најверојатно дека лошо ќе си поминеш ама дека треба да стиснеш заби и да издржиш или да си закажеш царски рез. Нели, како сите, така и ти.
Дулата како професија се појавила во 70-тите години од минатиот век, но кај нас, како и во БиХ и Црна Гора, па и во Србија, иако таму се многу понапред од нас, сѐ уште се во зачеток
„Важно е да знаеме дека дула не е исто што и бабица. Бабицата е медицинско лице, има знаење и вештина да биде со жената во текот на породувањето и се грижи сѐ да помине добро од медицинска гледна точка. Дулата не е медицинско лице иако многу добро ја познава физиологијата на породувањето. Дулата е исто така и поддршка и помош за самата бабица, но никогаш не и нејзина замена, а исто така, и не присуствува на медицински неасистирано породување. Во светот постојат повеќе можности, па дулите може да присуствуваат на породувања во болници кадешто има и доктори и бабици и сѐ друго, може во родилни куќи кои ги водат само бабици, и може дома во присуство на бабица, или сама, додека целиот медицински тим чека пред врата, може да присуствува и на породувања со царски рез. Но кај нас тоа не е можно“, ни раскажа Даница Ивановска Лепојевиќ, во интервјуто за „Мајка и дете“ пред неколку години.
Таа тогаш беше една од трите сертифицирани дули во Македонија и една од двете советнички за доење.
Искуството на првата сертифицирана дула во Македонија
Сега стапивме во контакт и со Маја Трајковска, првата сертифицирана дула во Македонија која била и единствената која има присуствувано на породување како дула, нешто што воопшто не е едноставно во Македонија.
Кај нас има дозвола на породувањето да присуствува трето лице, најчесто е тоа таткото, но од друга страна тоа е оставено на некој начин на добра волја и интерни протоколи на самите родилишта. Државните болници не прифаќаат дула, всушност, најчесто не прифаќаат никого иако се случувало таткото да е присутен, но тоа е навистина ретко.
Маја, која, за жал, сега живее во Португалија, како дула има присуствувано на три породувања во Македонија.
„Колку што знам, јас бев прва сертифицирана дула во Македонија. Почнав со мојата обука во 2014-та година, во првата, најголемата и најугледна организација на дули – DONA International во Србија. Следната година се обучуваа уште две дули, мои пријателки, Даница и Ели. Пред обуката организиравме предавање на кое поканивме две дули од Србија да одржат предавање за тоа што е дула, потоа ни кажаа за обуката и така тргна приказната. Сега мислам дека има и повеќе дули во Македонија, но навистина незнам колку се“, ни раскажа Маја во телефонскиот разговор.
Таа присуствувала на три породувања во Македонија (во Ремедика).
„Во приватните болници и тогаш некако дозволуваа присуство на еден близок, а во собата до породувањето можеше и повеќе блиски луѓе. Јас влегував како дула“, вели Маја.
Таа објасни дека пристапот за тоа како им помагаат на жените е најчесто индивидуален, иако учат секакви техники.
„Се зависи од жените, дали некоја повеќе сака да оди на физички допир, масажи, позиции, танц, глас или на ментални визуелизации, опуштања релаксации“, вели Маја.
Како и да е, ова е се уште една голема непознаница за голем број од жените во Македонија.
Многу од нив во неформален разговор со нас велат дека не се запознаени со улогата на дулите, но дека се чувствуваат побезбедни знаејќи дека ја имаат можноста да си закажат термин за царески рез во некоја од приватните болници, па повеќето се одлучуваат токму за оваа опција.
Голем дел од младите мајки денес, на кои веројатно овие асистентки-дули, ако не за време на породувањето, со своите совети и техники би можеле да им помогнат во постпородилниот период, особено во врска со доењето, полесно им е да поминат низ операција за да го донесат на свет своето бебе, а потоа да го хранат со адаптирана формула, секако, под сугестија на медицинските работници на кои им е исто така полесно да им кажат дека им треба дохрана, отколкуѕ да ја пеземат одговорноста за тоа дали и колку напредуваат бебињата.
Сето ова само кажува колку сме сите оттуѓени од природата и она нормалното и колку сме станеле вештачки дури и во односите со своите најсакани, со новороденчињата, на кои им ја одземаме можноста за здрава основа.
Имено, пред болниците да станат стандард, повеќето жени раѓале дома, а заедницата била вклучена во овој процес и родилката била опкружена со блиски жени, сестра, тетка, пријателка, мајка, баба или која било друга искусна жена. Сега, кога нашата култура тргнала кон целосна медикализација на бременоста и породувањето, се изгуби ова сестринство со кое биле опкружувани жените во минатото, во текот на породувањето. Покрај бабиците кои се грижеле за сигурноста на мајките и бебињата во текот на породувањето, од секогаш постоеле и жени кои помагале и ги правеле сите оние практични работи потребни во текот на породувањата, а особено внимание ѝ посветувале на емотивната состојба на мајката помагајќи ѝ да најде сила за ова интензивно искуство.
Како да заборавивме на тоа колку можат да бидат од помош женската сила и нежност, како да заборавивме на тоа дека некои работи можеби сепак биле подобри во старите времиња.
Денеска, како и многу други работи кои повторно се враќаат на сцената, и ова „сестринство“ се обидува да се врати во игра преку некои нови современи жени кои себеси се нарекуваат дули, што на грчки значи „жена која служи“, буквално – „слугинка“, иако денес овој назив се користи за едуцирана професионалка која ѝ дава на мајката потпора пред, во текот и веднаш после породувањето.
Да се надеваме дека приказната за дулите ќе се шири и дека природното и „сестринската“ поддршка повторно ќе си го најдат своето место во општеството.