Иако жените кои очекуваат близнаци може да доживеат различен опсег на симптоми, исто како и жените кои се бремени со едно дете, постојат некои рани знаци кои може да укажуваат на тоа дека сте бремени со близнаци.
Резултати од тест на крвта
Во некои случаи, нивото на хормонот HCG (хуман хорионски гонадотропин) во крвта може да укаже дека сте бремени со близнаци. Тоа е протеин кој се излачува од ткивото на плацентата, а многумина го нарекуваат „хормон за бременост“.
Бременоста со близнаци обично значи покачено ниво на HCG хормонот, но исто така може да биде високо и кога станува збор за едно бебе. Има широк спектар на резултати за близнаци и едно бебе, но невозможно е да се биде сигурен дека се близнаци дури и кога раниот HCG е покачен“, објаснува д-р Амос Грунебаум, директор на Одделот за акушерство и гинекологија во Презбитеријанската болница во Њујорк и професор на Медицинскиот факултет Weill Cornell.
Посилни симптоми на бременост
Кога ќе земете во предвид дека многу симптоми на бременост се поврзани со хормоналните промени во женското тело, се смета дека мајките кои носат близнаци имаат поизразени симптоми, како што се мачнини и повраќање од оние што се бремени со едно дете.
„Кога жената е бремена со близнаци, многу ризици се зголемуваат. На пример, поради зголемениот бета HCG хормон, таа може да има посилни симптоми како гадење и повраќање од жена која е бремена со едно дете“, вели гинекологот Кристин Гревс од Орландо. Според неа, поради близначка бременост, жените имаат поголеми шанси да доживеат екстремни мачнини, кои се нарекуваат хиперемезис гравидарум. Тие често се толку тешки што е неопходна медицинска помош и надополнување на течности, електролити и хранливи материи.
Поголем (и побрзо растечки) труднички стомак
Иако д-р Грунебаум вели дека зголемената тежина и големината на трудницата не може да се користат како показател за бременост со близнаци, многу мајки кои носат близнаци велат дека нивните стомаци пораснале многу побрзо. Иако некои симптоми може да бидат посилни, а стомакот поизразен, лекарите велат дека ултразвукот е вистинска потврда за близначка бременост.
„Можете да погодувате колку сакате, но додека не добиете потврда од ултразвучен преглед, сето тоа е само шпекулација. За среќа, мајките денес не мора да чекаат многу. Денеска потврдата за оваа бременост може да се добие во шестата, седмата недела“, објаснува д-р Грунебаум за Parents.com.