Кејтлин Семплс првпат слушнала за синдромот „нечешлива коса“ во јули минатата година преку порака на Инстаграм. Таа објавила фотографија од нејзиниот најмлад син Локлан (стар 17 месеци) и една следбеничка ѝ се јавила со порака.
„Прво се прашував што е тоа. Мојот најголем страв беше дека нешто не е во ред со моето дете, дека можеби има болки поради косата“, изјавила Кејтлин.
Кога се родил Локлан имал темна бебешка коса, но со текот на времето таа целосно се променила.Откако слушнала за синдромот на „нечешлива“ коса, мајката се обратила кај педијатарот на детето, кој никогаш не слушнал за овој синдром.
По посетата на педијатар кој е воедно и специјалист по дерматологија, лекарите ја потврдиле дијагнозата.
Тоа е исклучително редок синдром кој се карактеризира со многу мека и светла коса со чувствителна структура која расте во сите правци. Синдромот станува видлив кај детето на возраст од три месеци до дванаесет години.
Малиот Локлан е еден од само стоте потврдени случаи во светот, пишува Индипендент.
Но, неговата мајка вели дека успешно се справува со неговата коса, миејќи му ја еднаш неделно со производи на природна база.
Кејтлин почнала да го документира патувањето на нејзиниот син на социјалните мрежи каде што се обидува да ја подигне свеста за оваа состојба и да се поврзе со други кои го имаат истиот синдром.
„Размислувавме да ја споделиме неговата приказна и да бидеме извор за други родители кои би можеле да се најдат во истата ситуација во која се наоѓаме јас и мојот сопруг бидејќи нема премногу информации за овој синдром“, вели мајката. За неколку недели, профилот на Локлан на Инстаграм @uncombable_locks привлекол повеќе од 17.000 следбеници.