Загрижени родители го носат својот осумгодишен син на Итна помош. Претходно во текот на денот, додека играл во семејниот базен, го виделе како потонал на неколку секунди. По кратка епизода на кашлање, тој се одморил и се вратил во базенот да си игра со своите браќа и сестри.
Но, откако слушнале на вестите за случај на суво давење кај друго дете кое починало една недела по краткиот инцидент со потопување, родителите на момчето бараат лекарите да се уверат дека нивниот син е добро. Тие се загрижени дека нешто слично може да му се случи во наредните денови.
Слично сценарио се повторува во просториите за итни случаи и педијатриските операции секое лето, пишува USA Today. Според Центрите за контрола и превенција на болести, давењето е водечка причина за смрт кај децата на возраст од една до четири години, а најголемиот дел од случаите, 69 отсто, всушност се случуваат во време кога детето не плива.
Светската здравствена организација (СЗО) го дефинира давењето како „процес на доживување на респираторно оштетување како резултат на потопување/нурнување во течност“. За време на давење, водата се аспирира во задниот орофаринкс (грлото) и подолу до гркланот (гласниците). Ова предизвикува ларингоспазам и кашлање за да се спречи водата да оди понатаму низ душникот и во белите дробови.
При потопување (на пример, скокање во базен и излегување на површината), овој процес се запира. По кратка епизода на кашлање и одмор, детето се враќа на нормално однесување без други симптоми. Ако детето остане потопено, постои можност да се појави природен рефлекс на вдишување, што ќе доведе до дополнителна аспирација на вода во белите дробови. Аспирираната вода во доволно големи количини може директно да уништи делови од белите дробови.
Сфаќајќи дека давењето е процес со многу различни исходи, СЗО и Светскиот конгрес за давење во 2002 година ја препорачаа следната класификација:
давење без повреда
давење со повреда
фатално давење.
Што е суво давење?
Што значи воопшто тогаш суво или секундарно давење? Авторката на блогот Scarry Mommy напишала за инцидентот со нејзиниот син на плажа во 2015 година. Бил превртен од бран. Подоцна, кога го возела дома, тој станал раздразлив. Таа го однела во итната медицинска помош, каде што на рендген се покажало дека има течност во белите дробови. За среќа, по третман со кислород и дишење, брзо си дошол на себе. Лекарот му констатирал секундарно давење.
Потрагичен случај му се случил на четиригодишно дете кое починало откако си играло во плитка вода во Тексас. На почетокот имал симптоми слични на стомачен вирус. Повраќал и имал дијареа. Една недела подоцна, тој доживеал фатален респираторен застој, а лекарите последователно откриле течност околу неговото срце и белите дробови. Констатирано му е суво давење. Долго време откако приказната се појави во медиумите, аутопсијата потврдила дека тој всушност починал од вирусен миокардитис – воспаление на обвивката на срцето кое не е поврзано со давење или изложување на вода.
Родители: Фокусирајте се на симптомите
Д-р Мајкл Дејно им кажува на родителите да се фокусираат на симптомите. Децата кои биле потопени на кратко време или кои аспирирале мала количина на вода дефинитивно треба внимателно да се следат четири до шест часа по настанот. Знаците на давење најверојатно ќе станат очигледни во првите еден до два часа и може да вклучуваат:
отежнато дишење или зборување
раздразливо или абнормално однесување
повторлива кашлица
болка во градите
прекумерна поспаност.
Ако го доведете вашето дете во собата за итни случаи, д-р Дајно вели дека евалуацијата, во зависност од сериозноста на симптомите, може да вклучува континуирано следење на виталните знаци, особено нивото на кислород во крвта, рендген на граден кош за да се побара аспирација – присуство на проголтана вода во белите дробови – и ЕКГ за да се процени абнормалниот срцев ритам.
„Лекувањето може да вклучува дополнителен кислород, третмани за дишење и, во ретки, тешки случаи, ендотрахеална интубација“, објаснува докторот и ги уверува родителите: „Запомнете дека во медицинската литература никогаш немало случај инаку асимптоматско и здраво дете одеднаш да развие сериозни респираторни проблеми или да почине неколку дена откако било во вода“.
Безбедноста во водата е главна грижа за малите деца и тие никогаш не треба да се оставаат без надзор во близина на вода. За повеќето деца, давењето не е фатално, а знаците и симптомите на можно секундарно давење се видливи во првите неколку часа по инцидентот. Побарајте итна медицинска помош ако вашето дете има какви било загрижувачки симптоми откако ќе биде потопено во вода.