Данската комисија за заштита на децата спроведе истражување и заклучи дека децата под 13 години воопшто не треба да поседуваат мобилни телефони или таблети и препорача владата да воведе национална забрана за користење на мобилни телефони во сите основни училишта во земјата. Надлежните го прифатија предлогот, а мобилните телефони наскоро целосно ќе бидат отстранети од образовните институции – децата повеќе нема да смеат да ги користат за време на часови, паузи или воннаставни активности.
Зони без мобилни телефони
„Отстранувањето на мобилните телефони од училиштата им дава одмор на младите од онлајн-животот, учејќи ги како да бидат дел од аналогните заедници и да го тренираат своето внимание“, вели шефот на комисијата, Расмус Мајер, во изјава за Гардијан.
Тој ги повика и сите други европски земји да го следат нивниот пример и напомена дека би било добра идеја да се воведе забрана за мобилни телефони во училиштата на ниво на Европската унија. „Ако за пет години одлучиме дека е подобро со мобилните телефони, можеме да ги вратиме, но мислам дека тоа нема да биде така.
Училиштата како „зони без мобилни телефони“ во Данска ќе се воведат врз основа на многу слични аргументи како и во другите случаи досега – истражувањата покажуваат дека учениците без дигитални уреди покажуваат подолго задржување на вниманието на часовите, почесто се дружат и си играат едни со други, а исто така се потивки за време на училишните часови. Данците исто така се надеваат дека „обучувањето“ на учениците за дружење на училиште ќе помогне и за подобра интеракција меѓу врсниците надвор од училиштето.
Регулативите заостануваат зад технологијата
„Промените се случија толку брзо што ние, како општество, заостануваме зад нив“, објаснува Мејер за одлуките и расудувањето на неговата група истражувачи. За забраната за мобилни телефони вели дека е „обид да се држи чекор со развојот на технологијата и отпор кон комерцијализираната дигитализација на животот на децата“.
Истражувањето на комисијата покажа, на пример, дека 94% од данските деца имаат профили на социјалните мрежи пред да наполнат 13 години, што е пропишаната граница, а децата на возраст од 9-14 години поминуваат во просек по три часа дневно на Тик-Ток и Јутјуб.
Забраната во училиштата е само еден чекор во лекувањето на оваа „епидемија“, а во Данска се надеваат дека и остатокот од Европа ќе го следи нивниот пример. Досега слични потези во различни форми спроведоа или најавуваа Франција, Холандија, Велика Британија, Италија, Унгарија, Грција, Белгија, Финска, Ирска и Шпанија, а забраната за мобилни телефони во училиштата и кај нас не е туѓ поим.