Децата под 2 години – ич, тие од 2 до 5 – максимум 1 час дневно! На малите деца воопшто не треба да им се дозволи да гледаат во екрани

Децата на возраст под две години треба целосно да се држат подалеку од дигиталните медиуми и телевизијата, соопшти шведската Агенција за јавно здравје.

Додека на децата помали од две години воопшто не треба да им се дозволи да гледаат во екрани, оние на возраст од две до пет години треба да бидат ограничени на максимум еден час дневно пред екранот, се вели во новите препораки на шведските власти.

Оние на возраст од шест до 12 години не треба да поминуваат повеќе од еден или два часа дневно пред екран.

Тинејџерите на возраст од 13 до 18 години треба да бидат ограничени на два до три часа дневно, соопшти агенцијата.

„Предолго, на паметните телефони и на другите екрани им беше дозволено да влезат во секој аспект од животот на нашите деца“, рече министерот за јавно здравје Јакоб Форсмед.

Тој истакна дека шведските тинејџери на возраст од 13 до 16 години поминуваат во просек шест и пол часа дневно пред своите екрани, надвор од училишните часови.

Форсмед рече дека тоа не остава „многу време за заеднички активности, физичка активност или соодветен сон“ и жали за шведската „криза на спиење“ истакнувајќи дека повеќе од половина од 15-годишниците не спијат доволно.

Здравствената агенција, исто така, препорача децата да не гледаат во екрани пред спиење и телефоните и таблетите да се чуваат надвор од спалната соба навечер.

Наведено е истражување кое покажува дека прекумерното гледање во екран може да доведе до лош сон, депресија и незадоволство од телото.

Владата на Шведска претходно соопшти дека разгледува забрана за паметни телефони во основните училишта.

Училиштата во Холандија пак, од почетокот на оваа година воведоа целосна забрана за користење на мобилни телефони. Телефоните во средношколските училници се забранети од почетокот на оваа година, а мерката се прошири и во основните училишта.

Холандското Министерство за образование соопшти дека мобилните телефони го одвлекуваат вниманието на учениците и ја намалуваат нивната концентрација, што негативно влијае на резултатите од учењето.

Телефоните сè уште може да се користат на часовите доколку се компатибилни со содржината на лекцијата.

На студентите им е дозволено да користат мобилни телефони само од медицински причини или поради попреченост. 

децателефониХоландијаШведска