Децата прозборуваат сѐ подоцна и подоцна: Зборувањето не се учи пред ТВ!

Во последните години децата прозборуваат сѐ подоцна и подоцна.

Јелена Глигора Сегеди, професорка по логопедија од Хрватска за порталот „Индекс“ објаснила дали и кога родителите треба да бидат загрижени.

Имено, навремената логопедска проценка и по потреба вклучувањето во програмите за рана интервенција влијае на побрз напредок на развојот на комуникацијата, јазикот и говорот и спречување на можни поголеми отстапувања.

„Дури и пред втората година од животот на детето, би требало да ве загрижи несистематско и отежнато реагирање на името, краткотраен контакт со очите, отсуство на гестови со покажување, доцнење во појавувањето на првиот збор, недонесување или непокажување на Вашето барање секојдневни предмети од вашата непосредна околина.

По третата година од животот на детето, може да бидете загрижени за послаб речник, потешкотии во структурирањето на изговорениот исказ, честите грешки на ниво на морфологија и редоследот на зборовите во реченицата или неразбирлив говор кон пошироката средина“, објаснила таа.

Штом ќе се роди детето, треба да зборуваме со него

Како гостин во емисијата, Ранко Рајовиќ, лекар по интерна медицина и неврофизиолог објаснил зошто децата прозборуваат сѐ подоцна и подоцна.

„Штом ќе се роди детето, мораме да разговараме со него. Мозокот е вклучен и чека информации, а од информациите што ги добива, тој се развива.

Од првиот ден сите во семејството треба да разговараат со бебето како да ги разбира“, вели д-р Рајовиќ.

Тој истакнува дека така се учи да се зборува.

„Говорот не се учи со ставање на детето пред телевизор. Кога го правиме тоа, детето ги впива зборовите и ги разбира, но нема да може да зборува. Значи, првите интеракции мора да бидат со живи суштества, а не со ТВ“, истакнал тој.

„Ако бебето гледа телевизија, тоа не развива ништо“

Тој исто така објасни дека секое дете има неврони кои, како огледала, копираат или имитираат сѐ што прават мама и тато.

„Мама се смее, бебето се смее. Мама прави гест, бебето го повторува.

Ако бебето гледа телевизија, тоа не развива ништо.

Ова е дете кое без мускулна активност доаѓа до 3 или 4 години и се однесува како да има аутизам, а нема. Но, тоа е забавено во развојот и нема интеракција“, тврди д-р Рајовиќ.

Тој исто така додава дека за развој на говорот е важно е да се воведе цврста храна штом ќе се појават долните заби, по шест месеци од животот.

„На 18 месеци децата мора да јадат цврста храна за да се развијат мускулите на устата и јазикот и да се развие целиот говорен апарат.

Кога ќе се исполнат сите овие работи, детето ќе прозбори на време, а не како денес кога децата до 3 или 4 години не зборуваат. Тоа е голем проблем и на такво дете може да му се помогне, но многу е тешко“, заклучил тој.

говордететелевизија