На еден српски портал сретнав информација дека во Белград и Нови Сад постојат роденденски центри во кои се организира спа за девојчиња од претшколска возраст. Спа? Така де, она место каде што за околу 3.000 динари по дете (околу 1500 наши денари), на малите принцези им се прават третмани за возрасни. И си велам, еве, доаѓа уште една глупоштина сѐ поблизу до нас. А можеби е веќе стасана и кај нас, којзнае, уште не сум чула, скраја да е! Се надевам само дека не им давам идеја на некои претприемнички настроени родители!
Вакви роденденски прослави секако, веќе поодамна се прават во белиот свет. Роденденската прослава е замислена да биде гламурозна и раскошна, па принцезата на која тој ден ѝ е роденден добива фустан за принцеза, кој е комплетиран со магични локни кои ќе ги краси и круна, со дискретна шминка, сенки за очи, сјаеви, лакови за нокти со кои персоналот ќе ја разубавува принцезата и нејзините пријателки за кои се подготвени и сукњички од тул, кошули со апликации на круни, влечки, бањарки.
И додека принцезата и нејзините пријателки пијат топло чоколадо, нивните стапала се натопени во миризлива купка проследена со педикир. Или маникир. Или шминка. Или се легнати во бањарка во делот за релаксација со маска на лицето и тркалца од краставица на очите.
Во понудата е нагласено дека местото зрачи со гламур, па пожелно е гостите да бидат подеднакво гламурозни, а не некој несреќен дедо со дупка во чорапот или вујко со искината кошула да ја уништи бајката.
Изгледа дека ова функционира прилично добро бидејќи на Интернет има куп фотографии од мали девојчиња во бањарки, со маски на лицата, со испружени раце чии нокти ги бојадисуваат вработените во центарот или со стапалата потопени во леген за педикир, легнати во бањата, тие се однесуваат како слатки мали мумии чии родители им ги исполнуваат соништата за 1.500 денари по глава.
И веројатно сите девојчиња, или барем повеќето, би биле воодушевени од ова и би го сакале истото за својот роденден.
И не дека е лошо. Веројатно ниту јас не би одбила да си го поминам роденденот на вакво место. Ама јас! Јас сум возрасна жена која работи, не сум петгодишно девојче. Што ќе им прават на овие девојчиња за 15-тиот или за 18-тиот роденден?
Настрана тоа што има еден куп родители кои не можат да си дозволат да им го прослават роденденот на своите ќеркички на истиот начин и што сигурно им е криво заради тоа. Ама зошто мора да биде сѐ сведено на материјално, опипливо, гламурозно, луксузно.. Зошто? Бидејќи таквиот став е наметнат, како и дека детската љубов може да се купи, па и родителите често веруваат во тоа.
Можете да замислите вашата седумгодишна ќерка да го слави роденденот со стапалата потопени во миризлива вода, мирно да седи покрај другарките чии стопала се исто така во вода, а во рацетедадржат топло чоколадо послужено во шолји за кафе, да биде „возрасна“ додека тетките како слугинки да им ги масираат стапалата?
Не ми се допаѓа концептот на служење на децата. Не ми се допаѓа тоа чипирање со гламур и раскош од тригодишна возраст.
Дали тука завршуваат барањата или за полнолетство може да се очекува да каже: Може ли малку силикон во усните да ставам? Или: носот ми е голем, воопшто не сум убава (како принцеза). Сакам на пластична операција. Очај, незадоволство, ниска самодоверба, депресија.
Можам да ја разберам љубопитноста на децата, веројатно секое девојче би сакало да влезе на час или два на вакво место, но не можам да го сфатам ова како растечки тренд, како место каде што се слават родендени, како место каде децата се „опуштаат од училиште“, за викенди, место каде што може да започне формирањето на сликата за себе: морам да бидам убава, нашминкана, опуштена, убава, убава, убава, . .. принцеза, принцеза, принцеза, …
Нели може да им се направи поинаква приказна некаде на ливада, под крошната од дрвјата? За џабе!
На принцезите треба да им се каже дека е во ред да имаат валкани стапала, да одат малку по тревата, дека е одлично ако принцезата може сама да се качи на дрво, никогаш не знае кога ќе ѝ затреба таа вештина, дека е магична дури и со заплеткана коса. Без круна, тул и краставици на очите. Со краста на коленото.