Добив, имаш влошки? Почна кампањата за бесплатни менструални производи во женските тоалети на државните факултети

Прашањето: „Добив, имаш влошка?“ секоја девојка и жена го има поставено барем еднаш во животот во ситуација кога немала пари за влошки или не била подготвена за менструалниот циклус кој можеби тој месец ѝ почнал порано од вообичаеното.

Затоа, но и поради фактот што многу девојки и жени во нашата држава едноставно немаат доволно средства за основните менструални производи, од овој месец компанијата dm дрогерие маркт започнува со донација и поставување над 200 диспанзери и хигиенски влошки во женските тоалети на сите државни факултети во нашата земја кои ќе бидат редовно надополнувани со хигиенски влошки од нивната приватна марка Јеса, до крајот на годината и во текот на 2025 година.

Ова беше соопштено на прес-конференција на која освен Кристина Дуранска, менаџер за маркетинг и комуникации во dm Македонија, се обратија и ректорите на дел од државните универзитети кои се активни поддржувачи и учесници во кампањата.

„Главен лик на нашата кампања ќе биде Бести, која ќе претставува најдобра другарка на секоја студентка која е тука за да ѝ помогне во непредвидени моменти. Таа ќе биде гласот на кампањата и поддршка за секоја студентка давајќи ѝ сигурност и доверба дека сѐ ќе биде во ред“, рече Дуранска во своето обраќање.

Таа најави и панел-дискусии за студентките кои ќе бидат организирани на факултетите, едукативни содржини и работилници.

„Наша должност е да укажеме на предизвиците со кои се соочуваат многу жени. Бесплатните менструални производи на работните места, во здравствените и образовните институции можат да придонесат менструалното здравје да се направи видлива и прифатлива тема. А со оглед на тоа што 90 отсто од анкетираните жени изјавиле дека е потребно во јавните институции да бидат достапни бесплатни менструални производи, наша должност како општествено одговорна компанија беше да го спроведеме ова“, порача Дуранска и им се заблагодари за поддршката на ректорите на државните факултети, како и на Министерството за образование за поддршката што ѝ ја дава на мисијата што ја почна оваа компанија.

Статистиките во нашата држава на оваа тема не се воопшто добри и говорат дека речиси секоја трета жена барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и морала да импровизира со крпи и со хартија.

Во општество каде што разговорите за менструално и репродуктивно здравје честопати се стигматизирани, dm направи храбар чекор напред и како дел од иницијативата {ЗАЕДНО} едни за други, тие на почетокот од летово објавија отворен повик за иновативни проекти кои се занимаваат со овие прашања.

Речиси 60 проекти земаа учество во отворениот конкурс, а секој од нив е доказ за страста и посветеноста на здруженијата кои се стремат да направат промена. По внимателно разгледување, dm избра дури 6 проекти кои ќе ги поддржи во нивната реализација, со повеќе од 3 милиони денари.  Овие проекти не само што имаат за цел да едуцираат и информираат, туку и да ги срушат бариерите кои спречуваат отворени дискусии за менструалното и репродуктивното здравје. Од работилници кои обезбедуваат основни знаења, до иницијативи кои осигуруваат пристап до неопходни производи, секој од избраните проекти ја отелотворува визијата на dm за поздраво и поинформирано општество“, рече Дуранска и ги наброја избраните проекти.

Втор ден ми е кампања за подигнување на свеста за вториот ден на менструалниот  циклус, реализирана преку изложба на слики од девојки и жени, работилници за изработка на прирачници на тема менструална хигиена и исхрана за време на циклусот и 90-минутна панел дискусија.

Превентивни прегледи со мобилна гинеколошка амбуланта за загрозени категории сограѓани – проект преку кој ќе се спроведат бесплатни гинеколошки прегледи во 16 различни градови, проследено со истражување за состојбата на менструалното и репродуктивното здравје во тие градови. Овој проект опфаќа 200 директно погодени жени и девојки.

Циклус на нега: Поддршка на женското здравје – овој проект опфаќа едукативни работилници и сесии во 8 различни училишта, изработка на едукативни брошури, пружање на психолошка помош и поддршка, како и одржување на караван со цел подобрување на менструалното здравје и хигиена. Проектот ќе се одржи во неколку градови во југоисточна Македонија.

Мое менструално здравје „Mission Red’’ е проект наменет за едуцирање на Ромките преку формирање на клуб за ученици во едно средно и две основни училишта, како и одржување на 3 настани. 

Ослободете ја моќта на менопаузата: Проект за самоподдршка на жените – има за цел унапредување на квалитетот на животот на жените преку работилници и едукативни сесии за физичко и ментално здравје, исхрана, развој и креативност и двомесечен курс.

Нутритивно диететски навики кои имаат придонес за менструалното и репродуктивното здравје на жените – проектирано е да ги зајакне жените преку насочена едукација за исхрана. Препознавајќи ја критичната врска помеѓу навиките во исхраната и репродуктивното здравје, оваа иницијатива се фокусира на две витални групи: основци, ученички (од 7 до 9 одделение) и жени во перименопауза и менопауза. 

Со пружање на финансиска поддршка на избраните проекти, dm оваа година ја заокружи својата инспиративна тримесечна кампања посветена на женското здравје која вклучуваше разни активности, како што се соработка со експерти, лансирање на сопствен поткаст „Женски ритам“, бесплатни дерматолошки прегледи и отворени разговори за здравјето на жените преку нивните социјални мрежи.

Компанија ДМменструално здравјехигиенски влошки