Доењето го нормализира холестеролот: Еве зошто секоја мајка треба да дои најмалку шест месеци


Општо познато е дека доењето е здраво и за детето и за мајката, што е потврдено со многу истражувања.

Една неодамнешна студија спроведена од Американскиот колеџ за кардиологија покажа дека жените кои ги дојат своите деца најмалку шест месеци имаат помал ризик од развој на кардиоваскуларни болести.

Сепак, придобивките од доењето биле видливи само кај мајките кои имале нормален крвен притисок за време на бременоста, додека не биле забележани значителни подобрувања кај оние со покачен крвен притисок.

Ова е прва студија која го разгледува влијанието на доењето врз здравјето на срцето неколку години по раѓањето на детето.

„Нормализацијата на нивото на холестерол во крвта беше потврдена кај жените што ги проучувавме, а напредок е забележан и кај маркерите за субклинички кардиоваскуларни болести“, вели авторот на студијата Маламо Кунтурис.

Доилките биле постари жени со повисок социо-економски статус

Според Индепендент, во истражувањето учествувале 678 жени од 1998 до 2004 година и сите биле бремени во тој период.

Единаесет години подоцна, сите биле подложени на преглед при што им бил измерен холестеролот и крвниот притисок, како и дебелината на каротидните артерии кои ја снабдуваат главата и вратот со крв.

Биле поделени во три групи: жените во едната доеле шест месеци, во втората малку помалку, а тие во третата воопшто не доеле.

Резултатите биле очекувани: оние жени кои доеле најмалку шест месеци имале поздрави каротиди и повисоки нивоа на добар холестерол.

Дополнително, интересно е што доилките биле главно постари жени, со понизок индекс на телесна маса и повисок социо-економски статус.

Се разбира, потребни се повеќе истражувања за да се утврди степенот до кој бременоста влијае на здравјето на срцето кај жените, но овие резултати се навистина добар почеток.