Двегодишниот Матеј беше најмладиот член на делегацијата на Слоу фуд Македонија (непрофитна организација која промовира добра, чиста и правична храна и ја поддржува локалната занаетчиска гастрономија), но и генерално, најмлад член на делегација на најголемиот меѓународен саем за храна Тера Мадре Салон дел Густо, кој се одржуваше во периодот од 22 до 26 септември во Торино.
Неговата мајка Елена Каровска Гошевска е „стара“ слоуфудашка, а како што дознавме подоцна, неговата баба по татко е меѓу првите активисти на Слоу фуд во Македонија. Секако, не е покусо ниту бабата по мајка која во Слоу фуд ја вовела нејзината ќерка Елена, а сега е активна членка и воедно, производителка на буковска пипер.
Елена Каровска Гошевска ја запознавме кога сѐ уште беше само Каровска и беше дел од тимот на Слоу фуд на последното живо издание на Тера Мадре пред пандемијата на ковид-19, во 2018.година. Тоа беше и првото издание на кое присуствувавме и ние, од Арт кујна и известувавме оттаму, а Елена беше дел од организацијата на патувањето, дел од тимот и задолжена за фотографирањето.
Беше неразделна со својата колешка и пријателка Емилија Неделковска, во тој период исто како и Елена, програмски координатор на Слоу фуд Битола, но и „виновна“ за второто презиме на Елена.
Елена Каровска која ја запознавме пред 4 години, сега е Елена Каровска Гошевска и овојпат со неа се дружевме во проширен состав. Таму беше заедно со своите родители Наташа и Васил, сопругот Сашко и нивниот двегодишен син Матеј, инаку, јунакот на нашава приказна.
Станува збор за „слоуфудашко“ семејство во кое жените се активни членки, а мажите се повеќе дегустатори и техничка поддршка. Како што ни објасни Елена, прва во Слоу фуд била мајката на Сашко, инаку, наставничка по биологија и хемија, која била активна преку едукација на деца уште на самиот старт од оваа организација во Македонија.
„Мајка ми пак, потекнува од Кривогаштани, а мажена е во Буково, па тука е како претставник на буковската пипер, а сигурно ќе беа тука и родителите на сопругот, особено свекрва ми како прва „слоуфудашка“ во семејството, но за жал, свекорот не може да патува, па остана само овој дел од нашето сега веќе проширено семејство“, ни раскажа Елена, која и покрај мајчинските обврски, успеваше да ги реализира сите нејзини редовни и вонредни активности како дел од тимот на Слоу фуд Македонија.
Таа и нејзиниот сопруг Сашко кој по професија е информатичар, се запознале токму преку Слоу фуд, таа како програмски координатор, а тој како дегустатор и дел од друштвото на Емилија, кое било редовно на сите настани кои тие ги организирале. Сосема доволно за да се роди и оваа „слоуфудовска“ љубов.
Сега, неколку години по нивната прва средба, тие го имаат своето синче Матеј, кој беше најмладиот учесник на Тера Мадре Салон дел Густо и кој храбро ги издржа сите 1800 километри во еден правец и тоа, со автобус. Во меѓувреме, на пат до Торино, издржа јуначки и 9-часовна прошетка во Венеција. За време на патувањето и на четиридневниот настан, јадеше буквално сѐ, од млекото од изворот на мама до јагнешка чорба и макарони. Вистински мал слоуфудаш кој сака да испробува нови вкусови, онака искрено детски, лакомо јадејќи го она што му се допаѓа и плукајќи го тоа што е вишок или не му е многу по вкус. Само 2-3 пати во текот на долгиот пат се слушна како плаче, колку да нѐ потсети дека во автобусот имаме мало дете, но и тоа беше брзо готово благодарение на топлото млекце кое умната мама Елена си го зачувала како опција токму за ова долго патување.
И додека, како што вели Елена, со нејзиниот сопруг сѐ уште има терен за работа кога станува збор за филозофијата на Слоу фуд, со Матеј си почнала од почеток.
„Согласно со филозофијата на Слоу фуд, која не е ригидна во смисол на отфрлање на одредени производи, туку советува да се консумира сѐ, но умерено и главно да се консумираат локални и сезонски производи, на Матеј му давам да проба од сѐ. Дури понекогаш и капаче „Пепси“ колку да не биде забрането, но многу ретко. Всушност, поучена од туѓи искуства, не му забранувам ништо, но гледам она што не е здраво и корисно да го консумира што поретко. Иако има веќе полни две години, сѐ уште го дојам, особено затоа што ова патување ни беше во план, па знаев дека доењето ќе биде спас во многу моменти, секогаш топло млекце на дофат е навистина благословена работа“, се смее Елена.
Таа вели дека нејзиниот јунак Матеј, иако до година и 2-3 месеци добивал оброци што му ги готвела специјално за него, секогаш бил љубопитен за нови вкусови.
„Докај година и два три месеци повеќе му спремав кашички и беше повеќе на житарки, но никогаш не ги сакаше премногу. Матеј си сака цели работи, сака да гризе и да џвака па јаде сѐ што јадеме и ние. Наспроти малиот извидник Петар кој пред извесно време стана хит на Интернет и се жалеше дека не сака да јаде грашок, Матеј е најголем обожавател на овие зелени топчиња. Иако знам дека не е баш препорачливо за мали деца како него, не можеме да го спречиме да јаде и јаткасти плодови, а особено обожува кикиритки или како што ги вика тој, кикири. Секако, будно го следиме, но тој умее да џвака и навистина ужива во различните вкусови. На овој настан, сепак, најмногу уживаше во тестенините. Впрочем, бевме во земјата која е најпозната токму по нив, па не е чудно што и Матеј најмногу уживаше во макарони“, вели Елена.
Матеј пак, веќе добро ги познава сите членови на тимот на Слоу фуд Битола, бидејќи бил и на други настани кои ги организирале.
Дека од него ќе биде вистински следбеник на Слоу фуд, зборува и тоа што има одлични примери во семејството. Неговите баба и дедо по мајка живеат во Буково и освен буковска пипер, произведуваат и свој зеленчук, а неговиот дедо Васил има и мал трактор кој Матеј многу го сака. За време на патувањето, за Матеј „дома“ беше автобусот, а за време на престојот во Италија – хотелот во кој беше сместено семејството.
„За него дома е местото каде што си пие топло млекце и каде што може да си заспие“, вели Елена.
Нашето ново мало пријателче на враќање од долгиот пат, беше восхитено и од пределите кои на заминување ги преспа и постојано, гледајќи низ прозорецот, симпатично повторуваше: „ја не(з)нам кај сме“!
И тука засега завршува приказната за Матеј, малиот делегат на еден ваков важен и убав настан. Му посакуваме да ја следи филозофијата на која го учи неговото семејство и наместо дел од една „фаст фуд“ генерација, да остане поддржувач и следбеник на „слоу фуд“ и во иднина.