Породувањето не е лесно, но една млада мајка, Џастин Глен, тврди дека може да биде. Таа имала родилни болки пет часа, додека фазата на активно породување траела шест минути, а не ѝ биле потребни ниту конци, изјавила таа на Тик-Ток.
Многу луѓе поради тоа ја прогласиле за среќна, што ја натерало да ги сподели тајните за брзото породување. Како што вели, од 32-та недела од бременоста пиела чај од листови од малина, а од 36-та недела јадела три до четири ананаси неделно.
„Кога бев бремена, правев 10.000 чекори секој ден и одев во теретана три пати неделно. Не можам да бидам сигурна дали тоа помогна, но можеби помогна”, рекла таа.
Бабицата Мари Луиз објаснува за Метро: „Иако повеќето од овие совети се безбедни, нема многу докази дека делуваат. Постојат некои докази кои го поддржуваат позитивниот ефект на вежбањето и јогата врз породувањето, но никој не рекол дека чајот од лист од малина има некаква смисла“.
Таа, исто така, не верува дека јадењето ананас ќе направи голема разлика.
„Запознав стотици жени кои се колнат во тоа и исто толку на кои не им помогнала оваа храна“, додала таа.
Уредничката на BabyCentre.com, Лорна Марш, ги повикува идните мајки да бидат внимателни кога земаат растителни додатоци, како што е чајот од листовите малина.
„За такви работи секогаш консултирајте се со лекар. На пример, тој чај не е безбеден за оние со одредени здравствени проблеми, како што е висок крвен притисок“, апелира таа.
И акушерката Клер Херберт вели дека не би земала чај од листови од малина за да го забрза породувањето. „Листовите од малина содржат одредени хемикалии кои делуваат како некои лекови. Можеби не е безбедно за вас и вашето бебе“, верува таа.