Ефикасни и природни начини за борба против неплодноста: Експертите тврдат дека клучот е во адекватната исхрана

Брзото темпо на живот, хроничниот стрес, но и бројни други фактори како нездравата исхрана, загадениот воздух, разните препарати кои содржат штетни материи, можат да влијаат на репродуктивното здравје. Возраста е сè уште најзначајниот фактор, бидејќи одредени функции на човечкото тело природно слабеат како што телото старее.

Според проценките на Американското здружение за репродуктивна медицина, жените под 30 години имаат околу 25% шанси да забременат природно во текот на секој менструален циклус, а таа шанса паѓа на 20% кај жените над 30 години. До 40-та година, шансата секој месец да забремените по природен пат е само 5%.

Меѓутоа, постојат природни начини за зголемување на плодноста – изборот на вистинската храна, но и малите промени во секојдневниот живот може да ви ги зголемат шансите да станете родители.

Начини за природно зголемување на плодноста:

Јадете храна богата со различни антиоксиданти

Антиоксидантите како што се фолна киселина и цинк може да ја подобрат плодноста и кај мажите и кај жените. Тие ги деактивираат слободните радикали во телото, кои можат да ги оштетат сперматозоидите и јајце клетките. Студијата во која учествувале 232 жени покажала дека повисокиот внес на фолати е поврзан со повисоки стапки на бременост.

Затоа, вклучете храна како овошје, зеленчук, јаткасти плодови и цели зрна во вашата исхрана бидејќи овие намирници се богати со антиоксиданти, како што се витамините Ц и Е, фолати, бета-каротин и лутеин. Растителните влакна му помагаат на телото да се ослободи од вишокот хормони и да ја одржува рамнотежата на шеќерот во крвта. Одредени видови влакна можат да помогнат да се отстрани вишокот естроген така што се врзуваат за него во цревата. Вишокот на естроген потоа се отстранува од телото преку столицата.

Една студија покажала дека растворливите влакна од авокадото, слаткиот компир, овесот и овошјето се поврзани со пониски нивоа на естроген и прогестерон, што истовремено влијае на зголемување на плодноста.

Наместо животински протеини, јадете повеќе растителни протеини

Ако замените одредени животински протеини (месо, јајца, риба) со растителни извори на протеини, како што се мешунките, јаткастите плодови и семките, ќе го намалите ризикот од неплодност.

Една студија покажала дека ако само околу 5% од вкупните калории доаѓаат од растителни протеини наместо од животински протеини, ризикот од развој на неплодност е намален за повеќе од 50%.

Бидете физички активни

Вежбањето позитивно влијае на сите аспекти на човековото здравје, вклучително и на плодноста. Сепак, исклучително е важно да се биде умерено физички активен, бидејќи прекумерното вежбање може и да ја намали плодноста.

Имено, претераното вежбање може да го промени енергетскиот биланс во телото и негативно да влијае на репродуктивниот систем.

Затоа, не претерувајте со физичката активност бидејќи можете да ги намалите шансите за бременост.

Најдете време да се опуштите

Ако сте под хроничен стрес, шансите за забременување се намалуваат. Ова е предизвикано од хормоналните промени кои настануваат поради стресни ситуации.

Иако различни студии за врската помеѓу стресот и плодноста имаат различни заклучоци, постојат докази дека стресот може да ја намали плодноста.

Затоа, најдете време да се опуштите и да ги практикувате техниките за намалување на стресот кои најмногу ви годат.

неплодностплодностсовети