Откако по смртта на баба ѝ и раѓањето на синот реши да се повлече од активностите со здружението за поддршка на пациентите со рак (БОРКА), кое го водеше нејзината мајка, пејачката Биба Додева, по дијагнозата на канцер на нејзиниот дедо и смртта на нејзината блиска пријателка од истата болест, Емануела Додева ја продолжи својата мисија која ја почна покрај мајка ѝ уште како дете.
Во 2022 година го формираше здружението „ЕЗРА“.
„Името „ЕЗРА“ има длабоко значење и е тесно поврзано со нашата мисија. Доаѓа од хебрејскиот збор „Ezra“ што значи „да помогнеш,“ „да поддржиш,“ „да заштитиш.“ Оригиналната форма на името, „Azaryahu“, значи „Бог помага“ или „Бог штити.“
Ова име ја отсликува суштината на тоа што се обидуваме да постигнеме – да бидеме поддршка, заштита и извор на надеж за сите кои се борат со рак и за нивните семејства“, вели Емануела со која разговаравме по повод новата акција која ја подготви со своето здружение и во соработка со Бифе Тафталиџе.
„Со Шоте (Саша Шотаровски) од Бифе Тафталиџе, заеднички организираме настан под мотото „Мало дело, голема инспирација.“ На 16 ноември, сите кои сакаат да се приклучат на оваа иницијатива, ги каниме во Бифе Тафталиџе да донесат книга во која ќе напишат кратка мотивациска порака за пациентите, а како знак на благодарност, сите ќе добијат бесплатно кафе.
Собраните книги ќе бидат донирани на онколошкото одделение, збогатувајќи ја библиотеката на онкологија со „Книги на надеж“.
Во тешките моменти на лекувањето, пациентите се обидуваат да пронајдат утеха, поддршка и инспирација, а книгите се токму таква светла точка. Овие книги ќе станат извор на сила и мотивација за пациентите, со што ќе им покажеме дека не се сами во својата борба“, порачува Емануела.
Од БОРКА до ЕЗРА
Нејзината поврзаност со оваа кауза и инволвираноста во тешкото секојдневје на онколошките пациенти започнала уште од нејзиното детство. Таа отсекогаш била дел од борбата за правата на онколошките пациенти, благодарение на нејзината мајка, која го основаше здружението „Борка“.
Таа борба била и нејзино секојдневје, бидејќи Биба им беше посветена на пациентите, па со неа и Емануела ги доживеала првите контакти со луѓе кои поминуваат низ овие тешки борби.
„Започнав како волонтер, помагајќи на настани и работилници, а со време станав проектен менаџер и работев многу поблиску со пациентите. Работењето со пациентите ме запозна со вистинските предизвици кои тие ги минуваат и колку е важно не само да зборуваме за нивните права, туку и активно да се бориме за промена.
Гледав многумина чии животи се променија по дијагнозата. Но, гледав и како нашите Борки, моите драги тетки си заминуваа од овој свет. За жал, баба ми, која ми беше како втора мајка, го напушти овој свет и тоа токму во моментот кога се породив со мојот син.
Не успеав дури ни да ѝ кажам збогум. Оваа болка ме натера да се дистанцирам од оваа мисија. Во тие тешки моменти, сè што посакував беше да му се посветам на новиот живот, на моето дете, мислејќи дека можам еднаш засекогаш да се тргнам од приказната со ракот. Но, нашата состојба на привидна сигурност е само илузија, бидејќи токму тогаш кога најмалку очекуваме, животот ни приредува изненадувања“, се потсетува Емануела.
Дијагнозата на дедо ѝ и смртта на нејзината пријателка ја вратиле назад
Таа раскажува дека како дете на ѕвезда живеела далеку од очите на на јавноста и дека во нејзиниот детски свет, полн со магија, со јунаци, со богови и епски авантури, голема улога одиграл нејзиниот дедо кој ѝ ги отворил портите кон световите скриени меѓу страниците на книгите.
„Мојот дедо, кој ми беше животен водич и инспирација, беше дијагностициран со карцином, а потоа и една многу блиска пријателка. Oваа болка и загубата на мојата блиска пријателка која имаше само 28 години кога почина, ме вратија назад, ме потсетија дека борбата не престанува и дека сите ние сме дел од една поголема целина. Како што рекол Аристотел, „Човекот е општествено суштество“.
Затоа, оваа мисија не е само моја, туку заедничка за сите нас. Предизвиците со кои се соочив станаа темел за изградба на иднината кон мисијата која мајка ми ја започна – да бидам гласот на оние кои се борат, да донесам надеж и поддршка и да направам промена во здравствениот систем во кој пристапот до редовни скрининг програми и напредна дијагностика е сè уште ограничен, што води кон откривање на болеста во понапреднати фази“, вели Емануела додавајќи дека целта на оваа мисија е едноставна, но значајна: „Никој да не ја доживее болката и загубата што јас ги почувствував“!
Создала софтвер за рана детекција на рак на дојка
Овие фрустрации и предизвици ја инспирирале Емануела да се посвети на создавање софтвер со вештачка интелигенција кој може да направи значителна разлика во раната детекција на рак на дојка.
„Моето решение, Detectra, е иновативна платформа која користи вештачка интелигенција за подобрување на процесот на дијагностицирање. Со помош на напредни алгоритми и анализа на огромен сет на податоци, Detectra има за цел да ја зголеми точноста и ефикасноста на дијагнозите.
Интеграцијата на напредна технологија и постојаното тренирање на моделот со нови податоци очекуваме да го олесни и забрза откривањето на рак на дојка во неговите почетни фази, кога шансите за успешно лекување се најголеми. Во моментов сме во процес на добивање одобрување од NVIDIA програмата за стартапи, што ќе ни обезбеди дополнителна технолошка поддршка и ресурси за натамошно усовршување на платформата“, вели Емануела која работи во ИТ компанија.
Изминатата година имавме најголема стапка на морталитет досега.
Здружението ЕЗРА досега има реализирано бројни активности насочени кон подигнување на јавната свест, унапредување на здравствените права на пациентите и поддршка на онколошките пациенти.
Тие организираа едукативни трибини низ 13 градови во Македонија, различни видови донации како „Комфорни пакети за нега – Од мене за тебе“, со корисни помагала за новооперираните пациенти на Торакалната клиника во Скопје, донација на градници и протези, настани за подигнување на јавната свест – „Розов Базар“, „Розов Пикник“, „Race for the cure“.
Исто така, ЕЗРА нуди психосоцијална поддршка преку 24/7 СОС линија за пациентите и нивните семејства, обезбедува бесплатни перики за сите пациентки кои се соочуваат со оваа болест и во соработка со донатори обезбедува бесплатни мамографски прегледи во приватни болници.
„Наша гордост е што ги застапуваме правата на пациентите и иницираме промени во здравствената политика, преку организирање на „Розова Седница“ во Собранието и Владата на Република Македонија, каде активно дискутираме за подобрување на условите за онколошките пациенти“, вели таа и уште еднаш ги повикува скопјани и сите оние кои се во можност, да дојдат во Бифе Тафталиџе, да испијат едно бесплатно кафе и да донираат книга со нивната лична порака која многу ќе им значи на оние кои во моментот се на лекување на Онкологија.