Емпатијата во Данска се учи повеќе од 30 години: Задолжителен предмет во данските училишта

Еднаш неделно, децата на возраст од 6 до 16 години имаат задолжителен дел од школскиот курикулум – учат за емпатијата. Оваа практика се одржува од 1993 година и е на исто ниво со предметите како математика и физика.

Учењето за емпатијата го менува мозокот

Во Данска, љубезноста не се смета за вродена особина, туку за нешто што се учи и развива. Научниците апсолутно го одобруваат ова – емпатијата го менува мозокот, а нејзиното користење во секојдневниот живот значи јакнење на медијалниот префронтален кортекс. Тоа подрачје е заслужно за „влегување во туѓите чевли“, т.е. способноста за согледување на туѓата перспектива, како и за јакнење на саморегулацијата.

Поголемиот дел од работата во данските училишта се одвива во групи и со текот на годините, соработката станува нешто што им доаѓа природно на децата. Другите не се сметаат за закана и конкуренција, туку за сојузници.

Значи, сосема спротивно од она на што ние ги учиме нашите деца постојано споредувајќи ги со другите и терајќи ги да бидат први и најдобри во сѐ.

Каков придонес има емпатијата во училиштата?

Данска има една од најниските стапки на врсничко насилство во училиштата, а долгорочните истражувања покажале дека децата кои учат за емпатијата од мали нозе имаат поголема веројатност успешно да завршат училиште, како и да изградат подобри односи во текот на детството и зрелоста. Данскиот принцип не ги учи децата да бидат натпреварувачки настроени и да се стремат да бидат најдобри, туку да го направат местото на кое се наоѓаат најдобро можно.
Со оглед на тоа дека можеме да научиме од Данците како да бидеме подобри личности, не би било лоша идеја да ја позајмиме оваа практика и да ја примениме.

Иако не изгледа како класичен предмет, емпатијата несомнено треба да се негува од рана возраст за да можат децата да ја сфатат целосната моќ на разбирањето и топлите зборови, а потоа да обликуваат подобар свет.

Данска е една од најсреќните земји во светот. Според Извештајот за светска среќа на Обединетите нации, голема студија која ја рангира среќата на над 150 земји во светот од 2012 година, Данска е на врвот со години. За оваа среќа сигурно придонесува фактот што подучувањето емпатија е задолжително во данските училишта од 1993 година.

Како децата во Данска се учат на емпатија

Американската писателка и психолог Џесика Александар, авторка на книгата „Данскиот начин на родителство: Што знаат најсреќните луѓе во светот за одгледување самоуверени, способни деца“, која ја напишала заедно со данскиот психотерапевт Ибен Сандал, а која е преведена на околу дваесет јазици, спровела теренско истражување за да разбере како Данците учат емпатија.

Еден начин е преку тимска работа, благодарение на што се завршуваат 60 проценти од училишните задачи. Фокусот не е на тоа да се биде подобар од другите, туку на одговорноста да се помогне на оние кои не се толку надарени. Поради овие причини, Данска се смета и за едно од најдобрите места за работа во Европа.

Конкуренцијата е исклучиво со себе, а не со другите. Данските училишта не нудат награди или трофеи на ученици кои се одлични во училишните предмети или спортот, со цел да се избегне создавање конкуренција. Наместо тоа, тие негуваат култура на мотивација за напредок, мерена исклучиво во однос на личниот развој на учениците.

Данците даваат многу простор на слободната игра на децата, која учи емпатија и вештини за преговарање. Играњето на отворено се смета за образовна алатка во оваа земја уште од 1871 година, објаснува Џесика Александар.

Постои и колаборативно учење, што значи дека децата со различни силни и слаби страни во одредени предмети се здружуваат за да си помагаат едни на други на час, работејќи заедно на разни проекти. Овој метод ги учи децата од мала возраст дека не можат да успеат сами и дека помагањето на другите води до подобри резултати.

„Дете кое е природно талентирано по математика и не учи да соработува со своите врсници нема да стигне многу далеку. Ќе му треба помош во други предмети. Тоа е голема лекција што треба да ја научат децата од многу рана возраст, бидејќи никој не може да помине низ животот сам“, вели Џесика Александар.

Данскаемпатијаучење на емпатија