Познатото име во светот на детските играчки, компанијата Fisher-Price, повлекува голем број играчки наменети за прикачување на детски колички.
Иако некои родители при самата помисла на повлекување на некој детски производ од пазарот поради потенцијална опасност веднаш може да се вознемират и да проверат дали нивното дете го има тој производ, самото повлекување не треба да се смета за причина за несигурност – туку напротив. Фактот дека некоја компанија доброволно повлекува свој производ укажува на тоа дека е свесна за евентуалниот недостаток и не сака да ја загрози безбедноста на децата.
Компанијата Fisher-Price, познат и реномиран производител на детски играчки, објави дека повлекува околу 253.000 играчки за колички од линијата „Brunch & Go“, откако било утврдено дека тие можат да претставуваат ризик од задушување кај малите деца.
Според Американската комисија за безбедност на потрошувачки производи (CPSC), „грицкалката“ во форма на јајце, која е дел од играчката, може да пукне, при што би се одвоиле мали делчиња што можат да бидат опасни ако детето ги проголта. Fisher-Price досега има добиено пет пријави за пукање на јајцето, вклучувајќи два случаи во кои децата ги ставиле скршените парчиња во уста. За среќа, не се пријавени повреди.
Повлечените играчки за колички вклучуваат: лажен тост со авокадо (со огледалце), додаток во форма на сланина и грицкалка во облик на јајце. На етикетата на овие играчки се наоѓа бројот на моделот HGB85. Играчките се произведени во Кина и Виетнам, а се продавале на повеќе платформи, па можеле да стигнат во кој било дом.
Доколку ја имате оваа играчка во домот, Fisher-Price препорачува веднаш да престанете со нејзина употреба и да не им ја давате на децата. Компанијата нуди бесплатна замена за повлечената играчка. За добивање на замена, најдобро е да се обратите директно до Fisher-Price или Mattel.
Инаку, пред само неколку дена Fisher-Price повлече уште една играчка – околу 15.300 примероци од „кутијата со марамчиња“, која доаѓа како дел од активити-центарот „SnugaPuppy“. И таа е повлечена поради ризик од задушување, но ни во овој случај не се пријавени повреди.