Ерика Роа, Лејси Монро и Наташа Кели се три мајки кои започнаа уметнички проект наречен „Sham of the Perfect“, кој се фокусира на „вистинските“ моменти на родителството.
„Нашиот проект е посветен на документирање на семејните фотографии и целиот неред, изливи на бес, едноставна среќа и незаборавни моменти што се случуваат кога не се трудите сѐ да изгледа совршено“, вели Ерика.
Станува збор за проект каде родителите ширум светот секојдневно споделуваат фотографии кои го прикажуваат секојдневното родителство, семејствата, детството и домот какви што навистина се: полни со маани и убави во исто време.
Фотографиите на нивниот Фејсбук и Инстаграм вклучуваат катастрофален хаос, валкани лица, стапала и облека, голи газиња и вистински емоции: од секојдневна игра до оброци, спиење, плачење, смеење, гушкање, тепачка, бакнување, скокање – сите оние моменти со кои родителите ширум светот можат да се поистоветат, наспроти оние често наместени моменти во списанијата, на телевизија или во книгите.
„Решивме да се фокусираме на нашите семејства и ги вклучивме нашите камери за да истражиме што значи да се биде семејство во денешниот свет. Бевме уморни од фотографии на кои се прикажани само среќни и насмеани деца во совршени ентериери или во ливади осветлени од сонце. Знаевме дека нашите животи не се онакви какви што изгледаат и мислевме дека мора да има многу други родители кои размислуваат како нас и кои би сакале да видат поискрени прикази на семејниот живот.“
Она што овие мајки сакаат е да ги охрабрат родителите да го прифатат хаосот во нивниот живот. Родителството не доаѓа со плата, боледување, празници и бенефиции. Работното време е од 0-24, но е воедно и една од најубавите работи што човек може да ги има“, заклучиле овие мајки.