Малиот Неш Кин од Ајова стана најрано роденото бебе во светот кое преживеало. Роден е на 5 јули 2024 година, со тежина од 283 грама, цели 133 дена пред терминот. Со тоа и официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди како најрано родено и преживеано бебе.
Неш, кој неговите родители со љубов го нарекуваат „Nash Potato“, ги поминал првите шест месеци од својот живот во одделот за неонатална интензивна нега во детската болница „Stead Family“.
„Неш има силна личност. Бидејќи е толку долго во одделот за интензивна нега, би помислиле дека е кршлив. Но, не е. Постојано се смее и е љубопитен за сè“, изјавила неговата мајка Моли за Асошиејтед Прес.
Медицинско чудо
Сè започналo кога Моли, за време на преглед во 20-тата недела од бременоста дознала дека нејзиното грло на матката е проширено за два сантиметри. Само неколку дена подоцна, започнало породувањето, а Неш се родил по 147 дена од бременоста, еден ден пред претходниот светски рекорд.
Родителите се сеќаваат колку било важно да му веруваат на медицинскиот персонал.
„Целиот тим беше исклучително смирен. Не покажаа знаци на вознемиреност, па затоа не паничевме ниту ние“, додава Моли.
Секој ден станува посилен
Докторот што го породи Неш, д-р Малинда Шефер, објаснила дека претходно разговарала за сите можни ризици и компликации со родителите.
„Важно ми е родителите да ги имаат сите информации за да можат да ја донесат најдобрата одлука за своето семејство“, вели д-р Шефер.
Иако на Неш сè уште му треба кислород и исхрана преку цевка, тој се подобрува од ден на ден. Неговите родители велат дека тој веќе вежба стоење и има многу сила во нозете. Неговото доаѓање е особено значајно за семејството бидејќи претходно мајката доживеала спонтан абортус. Денес, родителите со радост го слават секој негов напредок и се благодарни за чудото што го доживеале.