Го родила десеттото дете на 66-годишна возраст: „Се хранам здраво, никогаш не сум користела контрацепција“

Шеесет и шестгодишната директорка на приватниот музеј „Чекпоинт Чарли“ (Checkpoint Charlie) во централен Берлин го роди своето десетто дете, јавува германската новинска агенција ДПА. Александра Хилдебрант потврдила дека нејзиниот син се родил со царски рез минатата среда.

Хилдебрант изјавила за весникот „Билд“ дека родила осум деца откако наполнила 53 години. Таа има и две возрасни деца. Хилдебрант отсекогаш сакала да има големо семејство и вели дека сака да ги охрабри луѓето да имаат повеќе деца. Таа истакнува дека не користела репродуктивни технологии за зачнување.

„Се хранам многу здраво, пливам редовно по еден час, пешачам по два часа, не пушам и не пијам и никогаш не сум користела контрацепција“, изјавува таа за „Билд“.

Докторот Волфганг Хенрих рекол дека Хилдебрант е најстарата трудница за која се грижел. Таа имала осум царски реза.

„Тоа беше главно некомплицирана бременост“, рекол тој.

Хенрих, кој работи како гинеколог од 1990 година, вели дека е чудо што постапката поминала толку добро.

„Плодноста генерално брзо паѓа кај жените постари од 40 години. Шансите да се роди здраво бебе преку природно зачнување кај 40-годишничка е во опсег од едноцифрен процент, дури и со добро здравје“, рекол Хенрих.