Додека се чека ред на касите во супермаркетите, често се чувствуваат забрзаност и нервоза. Секое доцнење или бавност наидуваат на лоши погледи и луто мрморење.
Холандскиот синџир супермаркети, Џамбо, воведе бавни каси кога откри дека некои луѓе уживаат во разговор додека плаќаат за своите производи.
Дополнителниот личен допир им помага на многу луѓе, особено на постарите, да се справат со осаменоста. Ова е причината поради која супермаркетите Џамбо решиле да стават крај на непријатностите меѓу клиентите поради брзањето при купувањето, па ги отвори таканаречените „бавни чет каси“.
Овие каси се наменети за купувачи кои не се брзаат, луѓе кои сакаат да разговараат и со другите купувачи и со касиерите.
Првата Kletskassa или каса била отворена во 2019 година во гратчето Влимен. Минатата година беа отворени уште 200. Главниот мотив за отворање на „бавните каси“ е борбата против осаменоста, особено кај постарата популација.
„Многу луѓе, особено постарите, понекогаш се чувствуваат осамено. Како семејна компанија и синџир супермаркети, ние сме во срцето на општеството. Нашите продавници се важно место за средба на многу луѓе и сакаме да играме улога во препознавањето и намалувањето на осаменоста. Горди сме што многу од нашите касиери сакаат да седат зад Kletskassa. Тие ја поддржуваат иницијативата и сакаат да им помогнат на луѓето да остварат вистински контакт со нив. Тоа е мал гест, но многу вреден, особено во свет кој сѐ повеќе се дигитализира и станува побрз“, изјавил главниот комерцијален директор на Jumbо, Колет Клостерман-ван Ерд.
Проблемите со осаменоста се влошија во Холадија за време на пандемијата на коронавирусот. Холандската организација за ментално здравје Luisterlijn објави дека има рекорден број повици на својата телефонска линија за помош.
Истражувачите од Универзитетот во Мастрихт пресметале дека тешката осаменост и поврзаната депресија го чинат општеството дури две милијарди евра. Според универзитетските податоци, секој десетти Холанѓанец се чувствува многу осамено, а дури четири од десет доживуваат одреден степен на осаменост.
[…] Повеќе за ова прочитајте ТУКА. […]