И Шпанија се подготвува за забрана на социјалните мрежи за помлади од 16 години


Шпанија се подготвува да донесе закон со кој ќе се забрани пристапот до социјалните мрежи за деца под 16 години, со цел спречување на онлајн вознемирување и зајакнување на менталното здравје. Парламентот во Мадрид го стави законот на дневен ред за гласање, за што генерално се согласуваат политичките партии во земјата.

– Околу 92 проценти од семејствата во Шпанија се загрижени за содржината до која пристапуваат нивните деца – рекол социјалистичкиот премиер Педро Санчез во ноември кога предложи таков закон.

Повикувајќи се на студијата „Дигитално детство 2025“, најголемата студија досега за влијанието на технологијата врз децата во земјата, тој рекол дека еден од четири ученици е жртва на онлајн вознемирување. На истата опасност минатата недела предупреди и опозицискиот конзервативец Хуанма Морено, претседател на најнаселениот регион Андалузија, на митинг во јужниот град Кордоба.

Шпанија, пред парламентарното гласање, чиј датум сè уште не е одреден, најде инспирација во Австралија. Минатиот месец таа беше првата земја во светот што ја забрани употребата на социјалните мрежи од страна на лицата под 16 години.

– Нејзината влада сфати дека ова стана проблем со јавното здравје, а не индивидуален проблем или тешкотија за одредени семејства – изјавил социологот Сантијаго Писонеро за шпанскиот јавен радиодифузер ТВЕ.

Во Шпанија, земја со 49 милиони луѓе, сè повеќе родители ги носат своите деца на терапија. Психологот Ана Асијан објаснува дека мозоците на децата под 16 години „не се способни да ги контролираат импулсите“ што доаѓаат од социјалните мрежи. Тие постојано „лајкуваат“ содржина, имаат потреба да бидат вреднувани од некој однадвор и постојано се споредуваат со другите. Така децата стануваат зависни од социјалните мрежи. Просечниот тинејџер во Шпанија има пет социјални мрежи, а WhatsApp, TikTok и Instagram се најпопуларни, според студијата на Универзитетот во Навара.

Непрофитната фондација ANAR, која им помага на децата со проблеми, предупреди дека социјалните мрежи влијаат на сонот на децата и дека нивните социјални вештини се влошуваат.

– Социјалните мрежи треба да бидат алатка за секојдневна средба со другите лице в лице, а не нешто на што се навлекувате и се изолирате, а од кое не можете да се ослободите – забележува психологот Азијан.

Околу 33 проценти од шпанските деца на возраст од 12 до 16 години имаат пристап до порнографска содржина, а 5 проценти имаат сметка на платформата за возрасни OnlyFans, според студијата на УНИЦЕФ.

Шпанската полиција известува дека врши околу 100 апсења годишно за педофилско приближување, при што 75 проценти од жртвите се девојчиња на возраст од околу 13 години.

Во Шпанија, на децата под 14 години во моментов не им е дозволено да пристапуваат до социјалните мрежи без дозвола од родителите, иако ова правило е лесно да се заобиколи и за тоа нема казна. Затоа инженерите размислуваат како да создадат систем со верификација на податоци што децата не можат да го заобиколат.

– Биометриските податоци би можеле да се комбинираат, како што е препознавањето на лицето на корисникот со податоци од нивната лична карта – вели Хуан Рива од технолошкиот институт IMMUNE во Мадрид.

Донесувањето на законот би значело дека платформите ќе мора да деактивираат 400.000 сметки што моментално ги имаат деца под 16 години. Се очекува спротивставување од технолошките компании, исто како што се спротивставија на тоа во Австралија. Технолошките компании тврдат дека владите, вклучително и оние во соседна Франција, претеруваат. Тие веруваат дека со контролирање на тоа што децата користат, родителите можат да го решат овој проблем.

Борха Адсуара, експерт за дигитално право, забележува дека одговорноста е и на платформите и на родителите.

– Платформите секако можат да направат многу повеќе, но родителите се оние што треба да бидат со своите деца и постепено да ги воведуваат на интернет – вели тој.