Домашните тестови за бременост го откриваат нивото на бета hCG (хуман хорионски гонадотропин или хормон за бременост), кој се ослободува од плацентата веднаш по зачнувањето. И додека некои тестови за бременост откриваат hCG многу рано во бременоста и може да бидат многу точни, тие понекогаш може да дадат лажно позитивен тест. Како што објаснуваат гинеколозите, лажно позитивни тестови може да се појават од различни причини, пренесува Healthline.
Биохемиска бременост
Лажно позитивен тест за бременост понекогаш е предизвикан од хемиска бременост. Хемиска бременост настанува кога оплодената јајце клетка, позната како ембрион, не успева да се имплантира или расте многу рано. Ова може да се случи поради многу причини, а причините за хемиската бременост обично се непознати.
Ектопична бременост
Понекогаш оплодената јајце клетка може да се всади надвор од матката, предизвикувајќи ектопична бременост. Тоа е сериозна и често многу опасна состојба за жената, која треба веднаш да се лекува. Имено, лекарите предупредуваат дека ектопична бременост може да доведе до значителна загуба на крв, но и до губење на репродуктивните органи.
Неодамнешен спонтан абортус или губење на бременоста
Лажно позитивен тест за бременост може да се појави и по губење на бременоста, или поради спонтан абортус или абортус. Имено, нивото на hCG продолжува да расте во текот на бременоста, достигнувајќи го својот врв околу 10-тата недела. Со оглед на тоа, хормонот може да остане во крвта и урината до шест недели по завршувањето на бременоста.
Тестот е со поминат рок
Во случај тестот за бременост да има истечен рок, многу е можно да покаже погрешни резултати. Имено, гинеколозите предупредуваат дека пред да го употребиме тестот мора да го провериме датумот напишан на неговото пакување.
Земање одредени лекови
Исто така, земањето одредени лекови понекогаш може да предизвика лажно позитивен тест за бременост. Сепак, предупредуваат гинеколозите, ова се однесува само на лековите за плодност кои содржат hCG, а се примаат преку инјекција.
Одредени здравствени состојби
Во некои случаи, одредени медицински состојби може да предизвикаат и зголемување на нивото на hCG, дури и кога жената не е бремена. Тоа може да бидат цисти на јајниците, бубрежни заболувања, одредени видови на рак, нарушувања кои значително влијаат на нивото на хормоните, особено кај жени во менопауза или перименопауза, како и тумори на клетките од кои се развива плацентата.
[…] Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“. […]