Тодорка и Даме Димески ги запознавме како дел од делегацијата од прилепскиот конвивиум на Слоу фуд на салонот Тера Мадре во Торино.
Беа неразделни и како да им е постојано интересно токму така, заедно секаде и во сите активности. Да си рече човек, сигурно се некој новопечен вљубен пар кој сѐ уште немало време да доживее нешто лошо во текот на заедничкиот живот.
Таа правеше презентација на начинот на изработка на ширден, а тој ѝ преведуваше, не за друго, туку за да може таа да се сконцентрира на ширденот.
И овој прилепски специјалитет го испрезентираа мајсторски, дури толку добро што предизвикаа и човек што не јаде месо, да проба едно залче.
Потоа, испрашувајќи ги за интервјуто сфатив дека не ми се точни ниту претпоставките дека станува збор за безгрижен новопечен пар. Не, овие двајца прилепчани се заедно веќе цели 20 години, од кои 13 се и во брак.
Иако, како што велат, Прилеп е мал град, не се знаеле отсекогаш. Се запознале преку заеднички пријатели и после извесно време на дружење, им заиграле пеперутките и започнале врска. Оттогаш се заедно и во добро и во зло, буквално.
Даме беше донор за мојата трансплантација на црн дроб и тоа уште повеќе не зближи
„Во 2001 година ми беше дијагностициран автоимун хепатит и почеток на цироза на црн дроб и некако тоа го формираше целокупниот тек на мојот понатамошен живот. Продолжив уште повеќе да ги одржувам здравите навики и да се хранам здраво. Тоа со време прерасна во моја пасија, па оттука и идејата да студирам Нутриционизам. И покрај сите мои напори да се запре прогресот на мојата дијагноза во 2012. се случи неизбежното, трансплантација на црн дроб, која беше успешно направена во болницата „Флоренс Најтингел“ во Истанбул, Турција. И погодете кој беше мој донор? Даме, се разбира. Тоа уште повеќе ја продлабочи нашата врска. После тоа, некако природно, сѐ што правиме, правиме заедно. И секако, секој има слобода да се изрази себеси преку својата професија и пасија“, ја почна нивната приказна Тодорка која ете, од ширденот отиде дури на почетокот од нивната врска и нивното заедничко премрежие од кое излегле уште поповрзани, полни со живот и енергија за сите сегашни и идни проекти кои ги има навистина многу.
За заедничкиот живот, за ширденот и за малиот овошен рај во прилепски Чардак
Тодорка е по образование дипломиран инженер-технолог нутриционист, а работи како благајник во Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа во Прилеп, а Даме е магистер инженер архитект и во моментов е фриленсер.
Во својот дом сите обврски ги прават заеднички.
„Уживаме работите да ги правиме заедно, да си помагаме, да се надополнуваме. Најчесто готвам јас, но не ретко тоа го прави и Даме. Во принцип доколку едниот поминува со правосмукалка, другиот џогира, едниот е задолжен за машината за садови, другиот за таа за алишта, прозори бришеме заедно. И со вака поделени обврски успеваме да имаме повеќе слободно време и истото да го поминеме заедно и квалитетно“, вели Тодорка.
Минатата година го започнале својот заеднички проект, пермакултурен овоштарник за нивните и за потребите на нивните најблиски.
„Имаме наше катче во близината на Прилеп во месноста викана Чардак, кој полека го обликуваме и почнува од парче необработено земјиште да наликува на мал овошен рај, кој во иднина имаме желба да го направиме и наш дом. И двајцата ја сакаме природата и доаѓаме од семејства во кои храната не се сфаќа само како средство за задоволување на гладта туку таа зазема култно место во нашите животи. Пораснавме со домашно подготвена храна која во никој случај не може да се спореди со таа подготвена во рестораните и продавниците за брза храна. Се трудиме да го продолжиме тој тренд. Секогаш кога ни дозволуваат работните обврски на менито имаме домашно подготвена храна. Тоа не е исклучок и за сите поголеми собири кои ги правиме во нашиот дом“, велат тие.
Меѓудругото, тие и дома знаат да си приготват ширден, но за специјални пригоди.
Не е храна што може да се приготвува постојано и поради нејзината калоричност, но и поради состојките кои ги содржи, а се од сезонски карактер. На нашата трпеза се трудиме да има и специјалитети кои се пренесуваат од генерација на генерација, но сакаме да пробуваме и нови рецепти. За таа цел, за време на пандемијата започнав со блогот за храна Gastronomist.mk. Уживам во готвењето на храна, но во последно време поради премногу обврски некако како да го запоставив овој сегмент“, признава нашата соговорничка.
Дружељубиви луѓе со многу пријатели
За нивната дружељубивост зборува и тоа што спријателувањето им оди лесно, па нивниот круг на пријатели постојано се шири, а тие се трудат да најдат време за сите.
„Не сакаме да запоставиме никого па се трудиме да најдеме време за роднините, нашите пријатели од детството, од средношколските денови, пријателите кои беа со нас и во добро и во зло, точкаџиите, оние кои ги запознавме преку Слоу Фуд. На дружењата со роднините и пријателите ги запознаваме со производите кои ги произведуваат членовите на Слоу Фуд и ги предизвикуваме да направат споредба со индустриските производи. Доколку ни успее патем некого да „преобратиме“, задоволството е огромно. Затоа никогаш во домот не сме без намазите Леска од Пеце, сувомеснатото на Гаврилоски, кашкавалот на Игор од Дихово, козјото сирење на Давид, вината на Сарика и Ерос, медот на Здравје од Пчела ….“, велат овие симпатични млади луѓе.
Тодорка и Даме се големи љубители на природата, а пасија им е возењето на велосипеди. Уживаат во долги прошетки со велосипеди во околината, а од време на време знаат да посетат и некоја подалечна дестинација. Исто така ги посетуваат и околните планини. Токму овие заеднички активности и интереси веднаш по завршувањето на „Тера Мадре“ во Торино, ги одведоа понатаму, на патување низ Европа.
Од саем на храна во Италија, преку романтично патување во Париз, до собир на велосипедисти во Брисел
„Иако патот на кој знаевме дека сакаме да одиме уште на почетокот од годинава, не го планиравме вака како што се случи, сепак беше прекрасно. Успеавме нашите пасии, Слоу фуд, ПрилепНаТочак и страста кон патувањата да ги соединиме и да направиме одмор во кој уживавме“, раскажуваат тие.
Двајцата се дел од основачите на Прилеп На Точак – неформална граѓанска иницијатива која се бори за подобрување на урбаната мобилност во нивниот град, а исто така се и дел од основачите на прилепскиот конвивиум на Слоу фуд.
„За Слоу Фуд приказната разбравме сосема случајно. Пред 6 години на една работилница во Прилеп, се најдовме на исто место јас, Даме и Николче Николовски (.претседател на Националниот одбор на Слоу Фуд Македонија). Помеѓу работните сесии разговаравме секој за своите пасии и тогаш сфативме дека можеби е добро да почне да се размислува за приказната Слоу Фуд Прилеп. Нам и дотогаш ни беше близок тој начин на живеење и коегзистирање со природата па некако природно се случи нашето активно вклучување во Слоу Фуд Прилеп.
Така што, сѐ заедно се вклопи убаво на нашето патување. После Торино со воз се упативме кон Париз каде престојувавме неколку дена кај нашите драги пријатели Билјана и Благоја. Заедно со нив ги посетивме оние знаменитости кои беа дел од нашата агенда за ова патување. Париз беше само прекрасна попатна станица кон нашата наредна цел: конференцијата „For a real transport turnaround – cycling, walking and public transport during the pandemic and in times of rising cost of living” која се одржуваше во Брисел и на која беше поканет Даме како член од заедницата На Точак во Македонија“, раскажува Тодорка.
Во рамки на оваа посета тие учествувале на Бриселската Критична Маса која се одржува секој последен петок во месецот и на најстарите точаци за изнајмување во друштво со повеќе од 1500 учесници извозеле 20 км низ Брисел.
Накусо, иако имаат уште многу за раскажување, нивната приказна е токму онаква каква што би требало да биде приказната на сите што заедно чекорат низ животот. Впрочем, има ли нешто поубаво од тоа да знаете дека она што го сакате вие, го сака и тој, она што ви е вкусно вам, вкусно му е и нему, она што можете да го направите сами за еден ден го правите двајцата за половина ден, а потоа сте слободни заедно, секаде и секогаш. И има ли нешто поубаво од тоа некој да ве сака толку многу што е подготвен да оди под нож заради вас, да ви даде дел од себе затоа што знае дека без вас ништо не би било исто, па колку што го направил тоа за вас, толку го направил и за себе. Затоа не се чувствувате должни, туку само сте среќни што се имате еден со друг.
[…] „постари“ пријатели од Прилеп, брачната двојка Тодорка и Даме Димески, за жал, немаа можност да ја надополнуваат својата […]