Летото е за пливање и игри во вода, зимата е снег, пролетта е шлапкање по топли барички, а есента е омилена забава за играње во купишта лисја!
Добро, можеби не им е омилена на сите, но дефинитивно е една од најпријатните, една од смирувачките игри поради речиси медитативното шушкање на сувите лисја што ги радува нашите уши, но и нашите очи поради прекрасните, смирувачки бои.
Особено е убаво кога ќе видите дете како си игра со таа бесплатна играчка, уживајќи во старомодната забава…
Но, дали некогаш сте се запрашале дали оваа забава е навистина толку прекрасна и безопасна?
Или можеби крие некои опасности?
На порталот Yahoo Life, експертите беа прашани што велат за оваа интересна игра за деца и какви опасности чекаат.
„Во текот на есента, многу инсекти наоѓаат засолниште под паднатите лисја, вклучувајќи мравки, разни видови лебарки и стоногалки“, изјави за Yahoo Life Даниеле Рестуча, менаџер на технички услуги за компанија за контрола на штетници. Таа особено предупредува на крлежите и смрдливките, но понекогаш и пчелите користат купишта лисја кога одат во хибернација во текот на зимата.
Крлежите се најопасните штетници кои демнат во купиштата лисја затоа што можат да пренесат болести како Лајмска болест или вирус на менингоенцефалитис што се пренесува преку крлежи. Секоја од овие болести може да биде особено опасна за децата, предизвикувајќи долгорочни здравствени проблеми доколку не се лекува брзо.
Дали треба да се грижиме за алергените?
„Алергијата на овошје, полен од дрвја или цвеќиња всушност може да предизвика алергиска реакција или да ја влоши астмата ако си играте со лисјата од истото дрво на кое сте алергични“, вели д-р Џејсон Белак, алерголог и претседател на центарот за алергија и астма во Лас Вегас.
Ова се должи на присуството на вкрстено-реактивни алергени во различни делови на растението.
Белак вели дека некои симптоми на алергиска реакција може да вклучуваат риноконјуктивитис (попознат како поленска треска), тешкотии при дишење, влошување на симптомите на астма и контактен дерматитис.
„Поленот од Амброзија е посебен вид полен кој е во најголема концентрација во средината на септември и може да се залепи на паднатите лисја или да се пренесе во воздухот со играње во купови од лисја“, вели д-р Брина Конор, семеен лекар.
И тоа не е сѐ за што треба да се грижат оние кои страдаат од алергија.
„Грините и другите членконоги, како црвениот пајак, можат да бидат присутни во купишта лисја и може да ги влошат алергиските состојби како астма и ринитис“, вели Белак, па иако црвениот пајак не каснува, сепак е причина за загриженост.
Што е со мувлата?
Наизглед безопасни купишта лисја може да имаат дури и мувла. Но, колку е тоа лошо?
„Спорите на мувлата може да растат на гнили лисја, а лисјата што се влажни од дожд и/или роса можат да станат почва за мувла“, вели Конор.
„Играњето, гребењето или дури и шетањето низ мувлосаните лисја може да предизвика спорите да се пренесат во воздухот и да предизвикаат алергиска реакција.
Најчесто, оваа реакција вклучува проблеми со дишењето кај луѓето со астма или алергии на мувла.
Па, како можете сè уште да уживате во играњето со лисјата?
Можете да му дозволите на детето да си игра во купишта лисја, но со одредени мерки на претпазливост.
Ако детето е алергично, земете антихистамин со вас
Ако детето е астматично, имајте лекови со вас
Облечете го детето соодветно – не се излишни ниту маица со долги ракави, долги панталони, затворени чевли и ракавици.
Размислете за користење на репеленти, особено ако сте во област со многу крлежи
Проверете прво со помош на стап или нешто слично дали има мувла на листовите
Кога ќе се вратите дома, истуширајте го детето и преслечете го.