Има и полошо! Токсично позитивните луѓе шират нереални емоции и создаваат лажна слика за светот

Кога позитивноста ќе добие токсични рамки, доаѓаме до стадиум на непризнавање дека се случило нешто што не е добро, избегнуваме соочување со фактите и реалниот живот.
Животот е мешавина од сѐ добро и лошо што ни се случува, а како се справуваме со тоа зависи од тоа каков тип на личност сме и како генерално гледаме на светот околу нас – позитивно и оптимистички, или негативно и песимистички. Психолозите велат дека за добро „поднесување“ на животот најдобра би било некаква златна средина, со малку повеќе позитивен став. Меѓутоа, има луѓе кои изразуваат само позитивни емоции, без оглед на ситуациите низ кои минуваат. И кога овој став ја преминува границата и целосно исклучува какви било други реакции освен позитивни, се претвора во нешто што може да ни нанесе штета. Оваа состојба е позната како токсична позитивност и всушност ги поттикнува луѓето да ги игнорираат тешките или лошите емоции што носи бројни замки, па дури и опасности.

Опсесија со позитивно размислување
Тосично позитивните луѓе веруваат дека сите луѓе треба позитивно да ги гледаат своите искуства, дури и оние кои се длабоко трагични. Таквиот став кај нив не само што може да создаде лажна слика дека се способни да се справат со сите неволји, со практичното потиснување на тешките емоции и „туркање под тепих“, туку со текот на времето, со изразена пасивна агресивност, имаат потреба и другите луѓе да ги убедат дека тоа е единствениот правилен начин на размислување.

Ваквиот вид на позитивност ќе ги гуши негативните емоции, што може да доведе до анксиозност и депресија, а кај некои луѓе може да остави впечаток дека ја омаловажувате нивната тага, притискајќи ги да се преправаат дека се среќни, дури и кога се тажни со причина. Овој притисок понекогаш може да проектира целосно нетактично и пребрзо очекување, дури и наметнување да му се каже на лицето кое претрпело загуба да продолжи понатаму или да бара позитивно во својата загуба. Овој метод исто така може да предизвика различни нивоа на грижа на совест кај личноста на која ѝ се наметнува.

Пожелно е да се биде позитивен, но во ред е и да се биде тажен, кога има причина за тоа
Психолозите ја истакнуваат потенцијалната вредност на позитивното размислување и презентираат докази дека го подобрува целокупното ментално здравје. Студија од 2018 година спроведена на студенти објаснува дека позитивниот став резултира со посилна самодоверба и нагон, а истовремено го намалува ризикот од самоубиствени идеи.

Очигледно е, велат научниците, дека позитивното размислување не е нешто што можете, како машина, да го активирате кога е потребно, дури и ако не ви се допаѓа и дека тоа не може да биде лек за сите ситуации. Процесот на тагување, при поминување низ драматична ситуација или загуба е сосема нормален, а доколку има свој тек, нема опасност да западнете во депресивни состојби. Од друга страна, ако се присилувате себеси да гледате позитивно на трагедијата, по секоја цена или ако некој што има такви склоности, ве тера на тоа, сѐ може да се сврти против вас како бумеранг.

Исто така, кога позитивноста зазема токсични рамки без критериуми, може да придонесе и за анулирање, суштинско непризнавање дека се случило нешто лошо, избегнувајќи соочување со фактите и реалниот живот, што, повторно, води до други можни проблеми на ментален план.

Примери на токсична позитивност
Постои разлика помеѓу токсичната позитивност и нормалниот позитивен став и таа не го вклучува само тоа после колкав период по трагичната загуба се појавува, туку може да биде и постојана состојба на свеста.

Еве неколку примери:

Да му се каже на родителот чие дете умрело да биде среќен затоа што барем можел да има деца, за разлика од многумина кои не можат
Да се тврди по некој трагичен настан дека „сè се случува со причина“
Постојано да се поттикнува некој да се фокусира на позитивните аспекти на загубата
Да се инсистира некој да ја надмине својата тага или страдање и да се фокусира само на добрите работи
Да се етикетираат луѓето кои се секогаш позитивни како единствени добри, коректни и подобри од другите
Да се врши притисок врз луѓето да напредуваат без оглед на ситуациите со кои се соочуваат, како на пример „додека сме во изолација од Ковид 19 треба да вежбате дома, да читате, да се занимавате со некое хоби, да не губите време“.
Анулирање на нечија објективна загрижености со „секогаш може да биде полошо“

Како да избегнете да паднете во оваа замка
Препознавањето на негативните емоции и тагата како нормален и важен дел од човечкото животно искуство и справувањето со нив се првите чекори како позитивноста да не се преобрази во контрапродуктивна и токсична. Истото важи и за идентификувањето и именувањето на емоциите наместо да се обидувате да ги избегнете и поништите или да ги потиснете со едно циклично „сè ќе биде добро“.

Разговарајте што повеќе со луѓето на кои им верувате за вашите чувства и нека бидат присутни и негативните, можеби и повеќе од оние кои емитуваат само среќа, бидејќи тогаш, како што вели народот, сѐ е убаво и лесно, а хероите се познаваат кога се на „мака“.

Побарајте поддршка од луѓе кои не ве осудуваат ако сте тажни и ако некој од нив ве притиска да бидете позитивни кога не ви се допаѓа, обидете се да му објасните дека таквиот пристап прави многу повеќе штета отколку корист. Исто така, не бегајте од барање стручна помош ако чувствувате дека паѓате во лавиринтот на ваквата позитивност, дека сте принудени да создате слика дека сѐ е во ред, а внатре се чувствувате длабоко несреќно и неисполнето.

Ваквите луѓе лесно ќе ги забележите, бидејќи се трудат да дадат позитивен тон на сѐ што се случува. Често лошите настани се изедначуваат со огромната количина љубов која според нивната интерпретација, сигурно ќе се случи.

позитивносттагатоксична позитивност