Трошиме повеќе од кога било, но нашиот однос кон нашата облека никогаш не бил толку оттуѓен.
Во не толку далечното минато, цели генерации на братучеди, браќа и сестри си ја наследуваа облеката едни од други и израснаа во тој дух. Ако порано се зборуваше за џемперот кој има
приказна и се чуваше фустанот за свечени пригоди, денес брзата мода оставa купишта отпад.
Се сеќавам на времето кога мајка ми не сакаше да се одвои од парчиња облека стари половина век само затоа што ѝ беа спомен од некоја од сестрите, од братучетка или од пријателка. И морам да признаам дека голем дел од овие парчиња ги наследивме ние.
Уште се сеќавам на тоа дека со другарките секогаш си менувавме облека и не ни пречеше да се појавуваме во истата комбинација на различни места.
И син ми порасна со облека од постариот братучед, а сега и неговиот син наследува од постарите втори братучеди, од децата на пријателите и самите веќе ја пакуваат облеката која веќе не му е точна нему и ја проследуваат понатаму. И тоа е она што најмногу ми се допаѓа кај моите деца – тоа што го сметаат ова за нормално, а на облеката ѝ се радуваат како да е нова.
Луѓе, дали знаете дека денес има доволно облека во светот за да се облечат следните шест генерации?!
Наместо да им оставиме на следните генерации парчиња облека со приказна, им оставаме планета полна со ѓубре!
Затоа, она за што треба да зборуваме наредните 100 години се:
повторната употреба, поправките, споделувањето.
Во светот веќе постојат продавници каде се изнајмува облека за секакви пригоди – од свадби до спортски активности – затоа што циркуларната економија го промовира изнајмувањето како начин за превенција на отпад и зачувување на ресурсите.
– Размисли пред да купиш, поправи пред да фрлиш, пренамени пред да се откажеш – е мотото на кампањата на здружението за социјални иновации АРНО и Сава осигурување.
Во таа насока АРНО веќе извесен период ги промовира работилниците во нивниот Центар за поправки „Ништо ново“.
На пример, на почетокот од овој месец имаа работилница за шиење наречена: Од стари фармерки и текстил до нови престилки и ракавици за готвење!
Под водство на нашата омилена еко-свесна модна дизајнерка Ирина Тошева, учесниците добија можност да научат како да кројат, да исечат, да зашијат и да закрпат престилка и ракавица за готвење од свој стар текстил.
Имено, секој учесник требаше да донесе свој текстил – стари фармерки, јакни, кошули, кепер или друг подебел материјал – кој се претвори во корисни и креативни производи.
Претходно во истиот центар се случуваат и работилници за поправка на велосипеди и тротинети, чадори и куфери, но, дефинитивно најбрзо се пополнуваа работилниците за шиење.
Да се надеваме дека причина за ова е подигањето на свеста за влијанието на текстилната индустрија врз животната средина и нејзиниот придонес за климатската криза.
Текстилната индустрија создава 10% од глобалните CO₂ емисии – повеќе од авионите и бродовите заедно. Ако ништо не се смени, до 2030 емисиите ќе пораснат за +60%.
Според извештај на Европската агенција за животна средина, купувањето текстил во ЕУ во 2022 година генерирало околу 355 кг CO₂ емисии по лице, што е еквивалентно на 1.800 км патување со стандардно возило на бензин.
– Прекумерното производство и прекумерната потрошувачка поттикнуваат глобална криза. Заедниците, како што се пазарот Кантаманто во Гана и пустината Атакама во Чиле, станаа депонија за фрлената облека на глобалниот Север – носејќи го товарот на систем на отпад што тие не го создале – пишува Еко ејџ (Eco age).
Па, и покрај тоа што го знаеме сето ова, зошто сме поттикнати да трошиме повеќе?
Ни ја всадиле идејата дека постојаната потрошувачка е од суштинско значење – за да се изразиме себеси и да останеме релевантни. Но, оваа бесконечна потрага по „ново“ ја поттикнува индустријата од трилион долари која профитира од нашата несигурност.
Да, одговорноста лежи на големите модни индустрии да произведуваат помалку и на владите да спроведуваат регулатива. Но, како потрошувачи, и ние имаме моќ: Можеме да купуваме помалку и да купуваме подобро.
Можеме да го преформулираме нашиот однос со облеката и да ја видиме вредноста во она што веќе го поседуваме.
Можеме да се залагаме за поправедни и порамноправни системи што нема да доведат до моден отпад што ги загадува плажите и пустините.
Време е да размислиме не само како трошиме, туку и зошто.
Инфлуенсерите имаат значајна улога во поттикнувањето на прекумерната потрошувачка на брза мода. Но, дали ова ќе се промени?
Според новото законодавство на Франција што ја регулира ултрабрзата мода, инфлуенсерите во Франција што промовираат ултрабрзи модни брендови, како што е SHEIN, преку платени партнерства, спонзорирана содржина и видеа за превезување ќе се соочат со санкции.
Ова има за цел да ја ограничи прекумерната потрошувачка на брза мода со низок квалитет што брзо се троши и се фрла. Француската агенција за животна средина проценува дека во Франција, 35 парчиња облека се фрлаат секоја секунда.
Ова ново законодавство ги охрабрува брендовите да преземат одговорност за вистинското еколошко и социјално влијание на нивното производство, истовремено охрабрувајќи ги инфлуенсерите да ја користат нивната платформа за промовирање одржливи алтернативи – истакнувајќи го моќното влијание што дигиталните креатори го имаат врз изборот на потрошувачите.
Со оглед на тоа што 92 милиони тони облека и текстил се фрлаат глобално секоја година, не ни требаат инфлуенсери кои ни кажуваат да купуваме повеќе – ни требаат инфлуенсери кои ќе ја охрабрат својата публика да купува помалку и да купува подобро, преку автентични и транспарентни тврдења.
Ова ново предложено законодавство во никој случај не е совршено – таргетирајќи ги само Shein и Temu – додека практично ги изоставува европските брендови за брза мода кои играат иста улога во поттикнувањето на културата на фрлање и експлоатацијата на луѓето и планетата.
Ова е чекор во вистинската насока и прв дел од законодавството што ги повикува и брендовите и инфлуенсерите на одговорност за нивното негативно влијание – но за вистинска промена треба да видиме дека се одговорни сите глобални играчи, а не само неколкумина избрани.