Раѓањето на детето, првата насмевка, првите чекори… Родителите обично се пресреќни од напредокот на своето потомство. Специјалните моменти често се фотографираат или се снимаат, а потоа гордо им се прикажуваат на роднините и пријателите.
Меѓутоа, со појавата на социјалните мрежи, на интернет се почесто се објавуваат детски фотографии. Може да има и несакани последици.
Дури 1.300 фотографии пред 13. роденден
Понекогаш на мрежите се објавуваат дури и слики од првиот ултразвук, како и фотографии од плажа, детски родендени или од поаѓање на училиште. „Во принцип, нема ништо што не е прикажано“, вели Софи Пол, од германската организација за заштита на правата на децата, Kinderhilfsverk.
Децата понекогаш се користат за рекламни цели – некои инфлуенсери ги користат за рекламирање на козметика или бебешка облека. Во исто време, треба да се запомни: секој има право да ги заштити своите слики. Ова е особено точно за децата.
Поранешната службеничка за заштита на децата во Англија, Ен Лонгфилд, предупреди во извештај во 2018 година дека во просек 1.300 слики од секое дете кружат на интернет пред да наполнат 13 години.
Овој феномен има свое име: „sharenting“ – термин составен од англиските зборови „to share“ и „parenting“.
Последици од објавувањето фотографии
Интернетот не заборава. Таа реченица која често може да се слушне е всушност проблем, на пример, кога самите деца не се задоволни од своите фотографии. „Она што родителите би го опишале како слатко или медено, понекогаш е многу непријатно за децата“, објаснува Софи Пол.
„Ако такво нешто дојде до јавноста, тоа може да стане повод за малтретирање, навреди или коментари со омраза. Дури и подоцна, кога аплицирате за работа, одделот за човечки ресурси на компанијата може да го прогугла оној кој се пријавува, па може да биде проблем доколку се појават некои непријатни слики“.
Со цел да го привлече вниманието на сите овие проблеми, во 2019 година германската блогерка Tojah Dibel започна кампања против објавување фотографии на деца под хаштагот #deinkindauchnicht (ниту твоето дете). На пример, родителот никогаш не би објавил своја фотографија на која врши нужда, но ги објавуваат детските.
Покрај тоа, фотографиите често го прикажуваат не само лицето на детето, туку и неговата околина: детската соба, куќа, двор. Дополнителни информации, како што се името на детето или датумот на раѓање, често може да се прочитаат во описот на фотографиите. „Понекогаш тие податоци може да се искористат за да се извлечат заклучоци за тоа каде живее детето“, предупредува Софи Пол.
Проблемот не е само заштитата на личните податоци: „Се разбира, секогаш постои ризик таквите информации и фотографии да паднат во погрешни раце, па на пример да почнат да кружат во круговите на педофилите“, вели Пол.
Франција: Споделувањето фотографии е забрането со закон
Со цел да го спречи прекумерното ширење на детски фотографии, Франција тргнува по пат кој е единствен во светот: сака да им забрани на родителите да споделуваат слики од своите деца на социјалните мрежи без нивна дозвола.
Предлог-законот посебно внимание посветува на „експлоатацијата на детските фотографии на онлајн платформите“.
Приходите од комерцијално користените детски фотографии ќе треба да се уплатат на сметка што децата на возраст од 16 години можат сами да ја користат. Дополнително, во законот е вградено и законски применливото „право на заборав“, според кое децата, доколку сакаат, подоцна можат да ги отстранат своите фотографии и видеа од интернет.
Софи Пол позитивно го оценува францускиот предлог-закон бидејќи, според неа, ги зајакнува личните права на малолетниците пропишани со Конвенцијата на ОН за правата на детето.
„Поентата не е во тоа генерално да се забранат детските слики на Интернет, туку да се спречи нивната прекумерна и непочитувана употреба на социјалните мрежи“, вели Пол.
[…] Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“. […]