Пред три години кај нас беше покрената иницијативата „Сончогледи за невидлива попреченост“, а јавноста се запозна со значењето на тогаш, зелените ленти со сончогледи, како симбол што се користи претежно на фреквентни места (железнички станици, аеродроми, итн.) за дискретно предупредување на вработените дека патникот може да има посебни потреби.
На пример, ако видите мајка која го држи за рака своето дете и го носи овој симбол во супермаркет, тоа може да значи дека детето има невидлива попреченост.
Значи, тривијални нешта, како што е чекањето ред на каса, може да биде невозможно за да ги разбере едно дете со аутизам. Оттука, ако видите дека некој носи видлива лента со сончоглед, значи дека таа личност или лицето кое го придружува може да има скриена попреченост, физичка или психичка, па можеби ќе им оставите малку повеќе простор и ќе им пружите повеќе разбирање.
Сè започнало во 2016 година на аеродромот Гетвик во Лондон, кога се појавиле патници со сончогледови ленти околу вратот. Лентите биле многу впечатливи и така дизајнирани за да испратат суптилна порака дека личноста што ги носи или некој од неговото семејство има невидлива попреченост. Мисијата се прошири многу брзо од Англија во САД, кадешто денес можете да видите и луѓе кои носат зелени и жолти вратоврски.
Сончогледите испраќаат порака, пред сè, до персоналот на јавни и фреквентни места, како што се аеродромите и железничките станици.
Во меѓувреме, овие зелени ленти кои кај нас ги донесе иницијативата „Сончогледи за невидлива попреченост“, денес ги имаме со поинаков дизајн и боја – сини и со сонца наместо сончогледи.
Ирена Лозана, која е мајка на дете со аутизам и една од иницијаторките, вели дека причината за промената на дизајнот на лентите била таа што овие, за разлика од првичните кои стасаа од Англија, се напишани на македонски. Имено, на лентите треба да ги има основните податоци за лицето кое ќе ја носи за да може, доколку им се случи нешто или доколку се изгубат, да се информираат за тоа најблиските.
Носител на оваа иницијатива која започна како група на Фејсбук (Сончогледи за невидлива попреченост), е здружението „Куќа на среќата“ и тие се стремат кон тоа оваа идеја и иницијатива да биде одобрена од државата и да се практикува во цела држава.
Досега се поделени повеќе од 200 ленти на луѓе од цела Македонија и целта е секој кој има потреба од нив да ги добие бесплатно, да се подигне свеста кај луѓето и сончогледовите ленти да станат дел од нашето секојдневје и да бидат секаде прифатени.
Сепак, според Ирена Лозана, лентите со сончогледи, односно, со сонца, не се најважни во целата работа, туку многу повеќе фокусот е на обуката за зголемување на инклузивната свесност.
„Веќе се одржани обуки во неколку градинки во Скопје, обуки за инклузивност во училници, а понудивме и обука за јавната администрација и за сите оние кои работат во услужните дејности, која ја нарековме „Разбери, прифати, сакај“, затоа што инклузијата не значи само да се обезбедат рампи и лифтови, односно, само физичка достапност, туку подразбира инклузивна свест што ги опфаќа сите“, вели Лозана и додава дека со оглед на тоа што не се политички обоени, тие немаат можност да се рашират повеќе и да опфатат повеќе компании, луѓе, институции кои ќе ги обучат и ќе ги сензибилизираат за инклузивната свесност.
[…] Повеќе за ова прочитајте на порталот „Мајка и дете“. […]