Оние двојки кои биле најмалку изложени на ризик од неплодност јаделе помалку транс масни киселини и прости јаглехидрати кои се богати со шеќер и консумирале повеќе растителни отколку животински протеини, повеќе влакна и железо и земале витамински препарати. Изненадувачки, тие исто така консумирале повеќе полномасни млечни производи, а помалку оние со намалена содржина на масти.
„Зголемениот внес на овошје, зеленчук, житарки од цели зрна, мешунки, грашок, семки, јаткасти плодови, свежи млечни производи, риба, посно месо и растителни масла придонесува за зголемена плодност“, вели нутриционистот Кармен Матковиќ Мелки.
Овие намирници градат здрав хормонален систем со своите корисни хранливи материи, а со своите антиоксиданти можат да ги заштитат јајце клетките и спермата од слободните радикали.
Како што има храна која ја поддржува бременоста, има и такви кои можат да бидат штетни за целокупното здравје и здравјето на репродуктивниот систем. Тоа се: црвено месо со видливи масти, месни производи, грицки, готови преливи за салати, засладени сокови, производи кои содржат рафинирани шеќери, индустриски, полуготови, готови и пржени јадења.
Препорачани додатоци на исхраната
Биохемичарката и нутриционистка Донатела Вербанац ги предлага трите најважни од многуте препорачани додатоци во исхраната за жените кои сакаат да забременат: „Првата е фолната киселина, која како фактор на раст е важна за правилна подготовка на женското тело за зачнување, но и за правилен раст и развој на плодот. Освен што земаат додаток во исхраната, жените можат да го зголемат и внесот на храна која содржи фолна киселина – тоа се зелен лиснат зеленчук, мешунки, сушено овошје и пченични никулци.
Важно е да се зголеми внесот на цинк кој, меѓу другото, учествува и во регулацијата на естрогенот и прогестеронот. Можете да го најдете во месото, рибата, сувото овошје, мешунките и житариците.
Доколку не консумирате производи од кравјо млеко, треба да најдете алтернативен извор на калциум. Тоа може да бидат суплементи, како и козјо млеко и намаз од сусам. Исто така, важно е да се внимава на телесната тежина – и преголемата и премалата тежина може да предизвикаат неправилен циклус, што влијае на отсуството на овулации и на неправилните овулации.
Месечен план за исхрана
Ема Канон, британски холистички експерт за женското здравје и плодност, во своите книги за зголемување на плодноста, советува постепено да ги воведуваме следните промени во текот на еден месец:
исчистете ја кујната од повеќето преработени или пакувани јадења
направете резерви од цели зрна (киноа, овес), мешунки, семки (сусам, тиква, чиа), јаткасти плодови (бадеми, ореви), билни чаеви, путери од јаткасти плодови, сушени морски алги, сушено овошје, сирово какао и растителни масла (маслиново , кокос, коноп)
обидете се да јадете 5-8 порции овошје и зеленчук на ден
гответе супа од коски
Започнете го денот со топла лимонада, а за појадок подгответе: јајца, авокадо, козјо или овчо сирење со ‘ржан, тостиран леб или каша од цели зрна со семки.
ручекот нека ви биде главен оброк, а вечерајте до 19 часот за подобро варење, само избегнувајте сирова храна бидејќи навечер тешко се вари, па идеална вечера би била супата
пијте два литра вода на собна температура и билни чаеви секој ден, но не заедно со оброкот
Јадете во мир, добро џвакајте ја храната, без да гледате во телевизорот, компјутерот, екранот на телефонот…