Испразни ја чинијата или нема да добиеш… Како вашиот стил на хранење на детето влијае на неговиот став кон храната

Желбата на секој родител е здраво и среќно дете. „Рецептот“ за остварување на оваа желба може да биде сложен, а главната состојка е неспорно љубовта. Родителите често се наоѓаат на клацкалка на поимите, здравје и среќа. Ако се одлучат за здравје, не значи дека ја занемаруваат среќата на детето и обратно. Оваа клацкалка првично се јавува кога станува збор за исхраната. Врската помеѓу родителите, храната и децата често е комплицирана. Како што е важно што јадат нашите деца, важни се и прехранбените навики на родителите, кои исто така влијаат на иднината на самите деца, во поглед на нивниот однос кон храната, навиките во исхраната, способност за самоконтрола за време на оброците и одржување на нормална телесна тежина.

Односот помеѓу родителите, децата и исхраната може да се отслика преку 4 модели, но имајте на ум дека родителите понекогаш се префрлаат од еден во друг модел, во зависност од моменталната ситуација и приоритетите во даден момент.

Авторитарен модел – модел „Празна чинија“.
Родителите ставаат акцент на: само одредена храна, исфрлање на „нездравата“ храна и јадење на сè што е во чинијата.

Ако детето не сака да јаде спанаќ, родителот нема да му дава бонбони по оброкот или нема да му дозволи да гледа телевизија.

Последиците од таков строг модел на исхрана за детето се:

Намалена способност за препознавање на сигналите за глад и ситост.

Јадење помалку овошје и зеленчук.

Поголем ризик да има проблеми со вишок на килограми или со недоволна тежина.

Поголем внес на забранети намирници кога има слободен пристап до нив.

Покажува помало уживање во храната

Немир за време на оброците

Оддолжување на текот на оброците

Рана заситување

Попустлив модел
Родителите не поставуваат граници кога е во прашање исхраната. Детето одлучува што и кога да јаде. Доста често, родителот готви по „наредба“ на детето и му дозволува да грицка помеѓу оброците.

Доколку детето изјави дека не сака да јаде спанаќ, родителот веднаш ќе му понуди да подготви нешто друго по негова желба.

Овие деца почесто јадат брза храна, грицки и слатки. Некои студии покажуваат дека овие деца имаат проблеми со вишокот килограми уште од предучилишна возраст.

Безгрижен модел
Можеби ова не е толку вообичаен модел, но има некои родители на кои храната им е на „последно“ место. Овде, ниту родителите, ниту децата не знаат кога е нивниот следен оброк. Поради незаинтересираност за храна, фрижидерот често е празен.

Ако детето праша кога и што ќе има за ручек, родителите со овој модел често одговараат дека не знаат.

Овие деца можат да развијат чувство на несигурност и преокупираност со храната.

Авторитативен модел – „Баш како што треба“
Родителите го поддржуваат детето да јаде добро со точно дефинирани правила на однесување. Овој метод го претставува златниот стандард кога станува збор за исхраната на децата, бидејќи ги избегнува „кавгите“ за време на оброците и во исто време помага да се изградат правилни долгорочни навики.

Кога детето ќе изјави дека не сака да јаде спанаќ, коментирајќи дека е „бљак“ или „фуј“, родителот му објаснува дека не е убаво да се зборува лошо кога е храната во прашање и дека не мора да јаде нешто не му се допаѓа бидејќи на масата има друга храна.

Овие деца полесно го регулираат внесот на храна, јадат повеќе овошје и зеленчук и генерално имаат нормална телесна тежина.

Во основа, со овој модел одговорноста се дели помеѓу родителот и детето. Родителот е одговорен што да јаде, кога и каде, а детето колку и што од понуденото.

Важни точки на авторитативниот модел:

Верувајте му на апетитот на детето – треба да се запомни дека апетитот е променлив и зависи од многу фактори, од кои еден е секако физичката активност.

Оброкот треба да биде среќно место каде и децата и родителите ќе бидат опуштени.

Децата кои имаат 3 главни оброци и 1 до 2 закуски не треба да грицкаат помеѓу.

Како се однесува мајка-нутриционистка?
Мајка сум на две деца, 15-годишно девојче и 10-годишно момче. Поминавме низ различни работи и со двајцата, па може да се каже дека се применува по малку од се. Кои се навиките во нашето семејство:

Задолжителни заеднички оброци во зависност од училишните и работните обврски.

Ставање во чинијата помалку отколку што мислам дека им треба. Ако се гладни, секогаш ќе бараат повеќе. Тука барам да се исчисти чинијата.

Мојот син не сака спанаќ и како мал имаше нагон за повраќање, па наместо тоа му беше дозволено да јаде нешто друго. Сега нема нагон, па го „учиме“ да изеде барем една лажица.

Мојата ќерка не ја сака текстурата на портокалите и мандарините, па затоа секогаш избира друго овошје.

За време на оброкот можат да кажат „не“ на само една храна за време на оброкот, ќерката најчесто избегнува леб.

Синот не е љубител на мрсните делови од месото, додека на ќерката тоа многу ѝ се допаѓа. За синот мрсното е „лигаво“, а за ќерката „слатко“. Тогаш само гледаме кому кое парче месо му го даваме.

Кога децата се жалат дека не сакаат да јадат нешто, мојот одговор е дека мама и тато се сакаат, а дека храната се јаде бидејќи е нашето гориво.

Секогаш кога ќе се направи нешто што „не им се допаѓа“, ги учиме да изедат барем 5 лажици бидејќи се менува вкусот на храната, па нешто што не им се допаѓало кога биле мали, може да им се допадне кога се постари.

И двајцата не се љубители на варена овесна каша, но ја јадат кога ќе ставам коцка чоколадо во неа.

Кога станува збор за „нездрава“ храна, ги држиме работите под контрола кога сме дома. Кога нашите деца се на забава, тие го прават она што го прават другите деца.

Понекогаш за време на викендите мама е „мрзлива“ па децата ни подготвуваат појадок, ручек или вечера за сите нас.

Сè на сè, и мојот сопруг и јас се обидуваме со пример да покажеме што е правилна исхрана. Ако ми верувате, нашите деца ќе се „степаат“ за салата, но морам да признаам – и за некои грицки.

децанавикисемејствохрана