Во истражување на Универзитетот во Вашингтон и на Универзитетот во Мичиген, во кое учествувале 249 парови родител-дете, тие биле замолени да ги опишат правилата поврзани со технологијата, кои според нив, семејствата треба да ги следат.
Според Њујорк тајмс, во повеќето случаи, родителите и децата се согласиле дека не треба да пишувате пораки на вашиот мобилен телефон додека возите или на Интернет додека некој сака да разговара со вас.
Но, едно нешто децата споменувале многу почесто од родителите: не објавувајте ништо за мене на социјалните мрежи пред да ме прашате!
Со други зборови, децата не сакаат нивните родители да објавуваат слики од нив како спијат во автомобил или да пишуваат за нивните фрустрации и семејни расправии.
Децата се загрижени за постапките со кои е засегната нивната приватност
Водачот на истражувањето, Алексис Хиникер од Универзитетот во Вашингтон, истакнал дека по ова прашање постои голем диспаритет меѓу родителите и децата.
Додека децата на возраст од 10 до 17 години изразиле сериозна загриженост за начинот на кој родителите споделуваат детали од животот на своите деца на интернет, нивните родители не обрнувале толку внимание на тоа. Околу три пати повеќе деца од родители мислат дека треба да има правила за тоа што родителите споделуваат на социјалните мрежи.
Сајтовите како Фејсбук и Инстаграм се дел од секојдневниот живот на денешните семејства.
Многу родители, ако не и повеќето, објавуваат слики од своето новороденче на интернет во рок од еден час по раѓањето, а некои родители создаваат свои профили на социјалните мрежи за своите деца – често за споделување фотографии и вести со семејството, а повремено и во потрега по профит и слава.
Децата сакаат да ги контролираат своите дигитални идентитети
Сѐ повеќе е јасно дека нашите деца ќе пораснат во тинејџери и возрасни кои сакаат да ги контролираат своите дигитални идентитети. Бидејќи првите деца чии слики од раното детство беа објавени на Фејсбук и Инстаграм сега се ученици или речиси тинејџери, се постави прашањето како тие се чувствуваат за тоа.
Студијата, иако е спроведена на мал примерок, јасно покажува дека овие деца, како тинејџери или возрасни, ќе сакаат да имаат контрола над својот дигитален идентитет.
„Како што ќе пораснат, децата ќе станат свесни за нивниот дигитален отпечаток и додека на повеќето тоа ќе им биде во ред, некои ќе имаат проблем“, коментира Стејси Стајнберг од Правниот факултет на Универзитетот во Флорида.
Некои деца и тинејџери ги преиспитуваат минатите и сегашните објави на нивните родители.
Во една статија на Њујорк Тајмс се спомнува примерот на 14-годишно девојче кое му замерува на нејзиниот татко што објавувал фотографии од неа на Инстаграм без да го праша, особено затоа што некои нејзини пријатели го следат; потоа, девојче кое се криело на училишните екскурзии штом некој од родителите ќе го извадел мобилниот бидејќи не сакала да објавуваат нејзини слики на Фејсбук; девојче чија мајка отворила канал на Јутјуб во 4-то одделение каде објавувала видеа на кои таа пее, а кога тоа го виделе нејзините школски другари во 8-мо одделение, сите ѝ се смееле.
Ваквите објави на родителите остануваат долго време на интернет, но и во сеќавањата на децата, а иако на родителите им изгледаат безопасни, децата подоцна можат да се срамат од нив.
Балансот е најважен
„Како општество, ќе мора да најдеме начин да го балансираме правото на родителите да ја споделат својата приказна и да управуваат со воспитувањето на своето дете со правото на детето на приватност.
„Родителите често задираат во дигиталниот идентитет на детето, не затоа што се злонамерни, туку затоа што не го земаат предвид долгорочното влијание на информациите што ги споделуваат“, објаснува Стејси Стајнберг.
Родителите треба да имаат на ум и колку нешто ќе биде достапно на интернет пребарувачите и колкав досег може да има.