Истражување: Три проценти од децата на возраст од 5 до 17 години вклучени во детски труд

Резултатите според статистичките белези покажуваат дека децата во руралните области повеќе учествувале во детски труд отколку нивните врсници во урбаните средини – 5 проценти во споредба со 2
проценти. Слично на тоа, децата од најсиромашниот квинтил биле повеќе вклучени во детски труд од децата од најбогатиот квинтил – 6 проценти наспроти помалку од 1 процент.

Истражувањето, исто така, покажува дека од сите деца што најмалку еден час учествувале во економска активност, 3 проценти работеле во опасни услови. Распределбата по пол покажува дека момчињата биле повеќе изложени на работа под опасни услови во споредба со девојчињата.

Глобалната програма МИКС е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како меѓународна повеќенаменска програма за анкетирање на домаќинствата за поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.

Со истражувањето се мерат клучните индикатори кои им овозможуваат на земјите да создаваат податоци за креирање на политики, програми и национални планови за развој и да го следат напредокот кон целите за одржлив развој (SDG) и други меѓународни договори.

Од ДЗС, исто така, посочуваат дека извештајот од истражувањето е објавен во мај 2020 година, но поради светската пандемија на Ковид-19, како и поради бројните обврски поврзани со Пописот 2021, извештајот не доби публицитет каков што заслужува. Затоа, во периодот кој следува, Државниот завод за статистика ќе објавува инфографици со податоци и клучни поенти од извештајот. 

(МИА)